Кабинетот на Иванов: Никој не го спречува Собранието да го повтори направениот преседан

Претседателот Ѓорге Иванов одбил да потпише укази за уште пет закони. Со тоа бројот на непотпишани закони се искачи на над 20. Како што објави „Макфакс“, дел од законите донесени со двотретинско мнозинство веќе се испратени до „Службен весник“, бидејќи за нив не е предвидено повторно гласање. Останатите повторно ќе се најдат на гласање пред пратениците, но како што соопшти собранискиот спикер Талат Џафери, извесно е дека ќе го чекаат потписот на новиот претседател, бидејќи тој на Иванов повторно нема да го добијат.

Во меѓувреме, од СДСМ го обвинуваат Иванов дека е кочничар на реформите, па дури и дискриминатор и противник на концептот за фер општество, бидејќи еден од вратените непотпишани закони е и тој  за антидискриминација.

На таквите обвинувања реакција пристигна од Кабинетот на претседателот:

„Противуставно и на незаконски начин, без потпис од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Службен весник веќе беа објавени укази за прогласување на закони донесени од Собранието.

Оттука, никој не го спречува Собранието да го повтори веќе направениот преседан“, велат оттаму.

- Реклама -