На денешната прес конференција на НАТО, на прашањето за каков кредибилитет на Алијансата зборува кога токму членка на НАТО му додели азил на македонскиот осуден екс-премиер Никола Груевски, генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг порача дека се работи за билатерален проблем кој треба да го решат двете земји меѓусебно, а не НАТО:
„Не е мое да го коментирам тоа. Тоа прашање треба да си го решат Будимпешта и Скопје“, изјави Столтенберг.
Во меѓувреме Македонија продолжува да чека одговор од Унгарија околу побараната екстрадиција. Како што истакнува министерката за правда Рената Дескоска, ќе се почека уште малку бидејќио роковите сé уште не се изминати, а од досегашните искуства Унгарија никогаш не правела проблем за екстрадиции. Доколку сепак се случи тоа, државата дополнително ќе ургира преку соодветните канали Груевски да биде вратен.
Слична е желбата и на унгарската опозиција. Во отворено писмо до Орбан и неговата влада, тие одлуката за доделување азил на Груевски ја нарекоа „срамна“ и побараа Груевски да си замине од Унгарија.
На пресот Столтенберг потсети и дека НАТО е подготвен да ги потпише пристапните протоколи со Македонија, но откако ќе биде имплементиран Преспанскиот договор.