Во отвореното писмо на лидерите на трите унгарски опозициски партии до унгарскиот Парламент и премиерот Виктор Орбан, одлуката за давање азил на осудениот екс-премиер Никола Груевски, и тоа донесена во рекордно брзо време, е наречена „срамна“.
„Неприфатливо е да дознаваме од странскиот печат дека унгарската влада му дала азил на криминалец баран со меѓународна потерница“, пишуваат Берталан Тот од унгарската Социјалистичка партија, Сабо Тимеа – копретседател на Дијалог за Унгарија, и Ференц Гјурчани – лидер на Демократската коалиција.
„Неприфатливо е унгарски дипломати да се присилени да патуваат низ Балканот со криминалец осуден на години затвор, и да го прикриваат сето тоа со лаги штом еднаш се откриени“, додаваат во писмото.
Унгарската опозиција, како што се истакнува во писмото, протестира против фактот што унгарската влада не дозволува случајот со Груевски да биде решаван во парламентот и неговите комитети за национална безбедност и одбрана, и затоа го испраќа писмото и до сите важни меѓународни организации и амбасади. Тие се оградуваат од Орбан и неговата влада, за кои велат дека дозволуваат „проруски криминалци како Никола Груевски да се движат слободно не само меѓу унгарскиот народ, туку и било каде низ ЕУ“.
„Бараме наместо Централниот Европски Универзитет – еден од најдобрите универзитети во Унгарија, поранешниот македонски премиер да ја напушти земјата“, се вели во писмото, алудирајќи на законот за странски универзитети во Унгарија донесен минатата година со кој Орбан и неговата влада „му објавија војна“ на Централниот Европски Универзитет (CEU). Според законот, универзитетите мораат да имаат кампус во домашните земји, а бидејќи CEU тоа не го исполнува, според Орбан, CEU мора да прекине со своите активности во Унгарија.