Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека настраданите патници во превртеното комбе се враќале од работа
Сообраќајот на автопатот Скопје – Велес, кој беше во прекин поради тешката сообраќајна несреќа во која загинаа три лица, е нермализиран, соопшти доцна вечерва Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Поради несреќата, сообраќајот на автопатот беше во прекин од 17:45 часот, а движењето на возилата се пренасочуваше по стариот пат меѓу Скопје и Велес.
Засега нема информации за состојбата на петтемина повредени во сообраќајката кои, како што информираа од Министерството за внатрешни работи, се пренесени во болница.
Според МВР, до несреќата дошло кога на автопатот пред тунелот кај Катланово се превртело комбе.
Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека настраданите патници во сообраќајката се враќале од работа.
„Досега е констатирана смрт кај три лица, а пет се пренесени во болница за укажување помош“,
информираа од МВР.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со екипи на МВР вршеа увид на местото, на кое бил повикан и сообраќаен вештак за утврдување на причините за несреќата.
Од Обвинителството информираа дека се преземаат сите увидни дејствија и оти јавниот обвинител ги издал сите потребни наредби за вештачења.