БДС и БНС поднесоа кривична пријава против претседателот на ДПСМ, Иван Стоилковиќ

Политичката партија Бошњачки демократски сојуз (БДС) и Бошњачки национален совет (БНС) денеска поднесоа кривична пријава против Иван Стоилковиќ, претседател на Демократска партија на Србите во Република Северна Македонија (ДПСМ), за негирање и исмејување со геноцидот во Сребреница.

Како што стои во нивното соопштение, пријавата е во врска со изјавата на Стоилковиќ, по одлуката на Министерството за надворешни работи за коспонзорирање на Резолуција на Обединетите Нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница, при што, како што наведуваат, геноцидот го нарекол „некрофилски дизниленд“. Според нив, ваквиот говор на омраза е недозволен. Тие дополнуваат дека кривичната пријава ја поднеле за кривично дело „одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.

– Нарекувајќи го најголемото страдање на човештвото после Втората светска војна со терминот „некрофилски дизниленд“, каде што некрофилија означува сексуално задоволување со мртви луѓе, а дизниленд е најголемиот детски парк во светот и поим за детска забава, останува заклучокот дека Стоилковиќ геноцидот во Сребреница го доживува како сексуално задоволување врз мртвите деца и исмејување со страдањето кое овој народ го доживеал, стои во нивното соопштение.

Прочитајте и:  Стоилковиќ: Во Министерството за односи меѓу заедниците недостасувале 40.000 евра

Оттаму дополнуваат дека пријавениот поттикнува омраза кај припадниците на албанскиот народ во контекст дека истите издејствувале Министерството за надворешни работи да донесе ваква одлука, што за резултат има разорување на етнички страсти.

– Се надеваме дека обвинителството предметот ќе го процесуира и дека пријавениот ќе биде санкциониран а истото ќе биде опомена кон сите останати да се воздржат од вакви или слични грозоморни изјави, дополнуваат оттаму.

- Реклама -