Зошто телесната температура ни е 37°C?

BTВеројатно некогаш сте се запрашале зошто нормалната телесна температурара кај луѓето е меѓу 36 и 37°C. Барајќи го одговорот еве што дознав. Двајца истражувачи од Медицинското училиште “Алберт Ајнштајн”, кое е дел од Јешива универзитетот во Њујорк, откриле дека телесната температура од 37°C кај луѓето претставува совршен баланс: доволно е висока за да се избегнат габичи инфекции, но доволно е ниска за да не мораме постојано да јадеме за да го одржиме метаболизмот.

– Високата температура кај луѓето и другите развиени цицачи, во споредба со останатите животни, отсекогаш била мистерија. Ова ме поттикна да истражувам – вели еден од авторите на студијата, доктор Артуро Касадевал, професор и шеф на Катедрата за микробиологија и имунологија на Јешива универзитетот.

Неговите најнови истражувања се темелат на негови претходни истражувања врз чија база тој утврдил дека бројот на некои видови габи кои можат да инфицираат животни и луѓе опаѓа за шест проценти со секое повишување на телесната температура за само еден Целзиусов степен.

Исто така тој утврдил дека десетици илјади видови на габи ги инфицираат рептилите, водоземците и другите ладнокрвни животни, но само неколку стотини од нив можат да им наштетат на цицачите. Ваквата заштита од габични инфекции според доктор Касадевал најверојатно била клучна за опстанокот на цицачите по добата на диносаурусите.

Во оваа студија доктор Касадевал и неговиот колега доктор Авив Бергман разработиле математички модел кој ги анализира придобивките добиени од телесната температура, кои ги штитат животните од габи и ги споредиле со напорот и потребата за консумирање на повеќе храна со цел да ја одржат телесната температура помеѓу 30 и 40°C.

Прочитајте и:  Храна која може да доведе до затнување на артериите

Според резултатите од студијата оптималната температура за максимални придобивки и минимален напор за внес на храна е 36,7°C, што е блиску до нормалната телесна температура на човекот!

– Оваа студија е добар пример и за тоа како еволуцијата на цицачите била водена и од надворешните биолошки фактори, но и од внатрешните физиолошки ограничувања – вели доктор Бергман.

Значи заклучокот е: 37°C е идеална температура за да се заштитиме од разни инфекции и да земаме храна во нормални количини.
Кога се покачува телесната температура организмот се бори со натрапниците кои предизвикале инфекција. Ако температурата надмине 40°C, тоа значи дека нивниот број во организмот е многу голем. И кога сме кај температурата, еве уште неколку податоци:

–   организам кој крева висока температура има добар имунолошки систем;
–   до 38 степени не треба да се земаат веднаш средства за намалување на температурата;
–   при повисоки температури се ослободува т.н. интерферон од белите крвни зрнца, кој е силно оружје на организмот кога е во прашање болест, а кој не може да се ослободи при ниски температури;
–   температурата треба да се намалува постепено и не треба да биде пониска од 36°C.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -