Една легенда вели дека во прастари времиња, кога Господ го создал светот, тој извајал и десет Адамовци од глина. На секој од нив му дал различна задача. Еден ја обработувал земјата, друг ги пасел овците, трет ловел риба… Секој бил зафатен.
Поминало извесно време и Адамовците се појавиле пред својот небесен татко со молба:
– Сé ни даде, ама нешто ни недостасува. Сé ни е празно, тажно…
Господ се подналутил, заклучувајќи дека ова е дело на некој од Адамовците кои ги убедил останатите да се жалат. Кратко размислил, па решил да провери дали е во право. Така, им дал тесто од глина и им рекол:
– Секој нека си изваја по една жена, каква што си замислува и посакува – полничка, слаба, висока, ниска… Јас ќе им вдахнам живот. Тие ќе бидат вашата утеха и потпора и со нив никогаш нема да ви биде празно.
Тогаш извадил една вреќичка со шеќер и им ја подал на Адамовците.
– Внатре има десет коцки шеќер. Поделете си ги и нека секој и даде на својата жена по една, за да ви биде сладок животот со неа.
Адамовците така и направиле.
По некое време, Господ повторно ги повикал, овој пат да ги искара:
– Меѓу вас има измамник! Во вреќата имаше единаесет коцки шеќер! Кој зема две?
Сите молчеле. Господ ги предупредил уште еднаш, но никој не пуштил ни глас. Налутен, Господ ги земал жените, ги размесил, а потоа им ги поделил на мажите која како ќе му паднела.
Така завршила работата со лутината на Господ, ама оттогаш девет од десет Адамовци се убедени дека туѓата жена е послатка- затоа што изела две коцки шеќер, а само еден од нив десет знае дека сите жени се подеднакво слатки, затоа што тој ја изел единаесеттата.