Зошто „Цезар салатата“ се вика токму така?

Не, прочуениот римски император нема никаква допирна точка со името на ова популарно мезе.

Цезар Кардини бил готвач со италијанско потекло, кој имигрирал во САД по Првата светска војна. Семејството Кардини поседувало ресторан во Тихуана, Мексико, а главната причина била прохибицијата. Многу Американци оделе дури до Тихуана за да пијат алкохол, па ресторантскиот бизнис во тоа време го доживувал својот пик.

caesar[1]

Барем според приказната на ќерката на Цезар, на 4-ти Јули, 1924-тата, Цезар се соочил со недостаток на намирници, поради ненадејна навала на гости во ресторанот. За да не ги изгуби муштериите, итриот готвач импровизирал и направил салата и сос од состојките што ги имал на располагање.

Еден од партнерите на Цезар, Пол Маџиора, има поинаква верзија. Наводно, Цезар салатата била направена за американски пилот од Сан Диего и била наречена „Авијатор салата“. Истото го потврдува и братот на Цезар, Алекс, со тоа што тврди дека токму тој е оној што ја измислил, а не неговиот брат.

Сепак, најуверливо звучи приказната на неколку пензионирани авијатичари од тоа време, кои го потврдуваат оригиналното име, но и Цезар како креатор на ова популарно јадење. Имено, после долга пијанка во ресторанот на Кардини, војниците останале без преноќиште, па ноќта ја поминале токму таму. Утрото, Цезар ги пречекал со салата која тој ја нарекувал „Авијатор салата“, а подоцна се прочила под нејзиното денешно име.

Caesars_original_or_hotel_restaurant_-_Tijuana_c.1930[1]

Сеедно која од овие верзии е вистинита, факт е дека овој тип на салата бил популаризиран во ресторанот на Кардини, а со текот на времето добила име што алудира токму на ресторанот од кој потекнува.

- Реклама -