Зошто ти игра окото?

eyelidhed[1]

Обично изгледа како да се појавува од никаде. Седиш на компјутер, возиш до работа или читаш книга, и одеднаш едниот очен капак почнува неконтролирано да ти игра. Не е баш пријатно искуство, особено кога си меѓу луѓе.

За жал, научниците немаат конечна идеја што ги предизвикува овие мали треперења. Ама, имаат теории. Едната, на др. Вејн Корнблат од Универзитетот во Мичиген, сугерира дека можеби се работи за премногу кофеин. Во улога на стимулант, кофеинот прави телото да ослободува повеќе серотонин и норадреналин. Овие невротрансмитери ја зголемуваат реактивноста на мускулите и нервите, објаснувајќи зошто очниот капак може да ви заигра по попладневното кафе.

Стресот исто така може да е фактор во настанувањето на малите грчеви, бидејќи ја зголемува продукцијата на епонефрин – молекула што може да предизвика мускулни контракции или спазми. Исто така, постои корелација и помеѓу играњето на окото и недостатокот од сон, но истражувачите сé уште го немаат прецизирано начинот на кој работи. Во меѓувреме, други научнички кругови нудат и низа од други потенцијални фактори, како консумација на алкохол, пушење, силна светлина, физичка истоштеност, иритација на површината или внатрешноста на окото, а и ветер.

Кога двете очи поигруваат, тоа се вика блефароспазма. За спречување на оваа состојба постојат подрастични начини од едноставното намалување на кофеинот или избегнувањето на стрес. Обично се решава со ботокс (да, оној што холивудските старци го користат за да изгледаат како пластични), кој се инектира во мускулите на очните капаци, за да ги запре грчевите.

Играњето на очните капаци е често и не е нешто посебно опасно, но ако таквите грчеви се прошират надолу по лицето или вратот, ако целото око почне неконтролирано да трепка или ако треперењето на капакот не престанува, многу препорачливо е да се консултирате со доктор. Овие можат да бидат симптоми на многу посериозни здравствени состојби.

- Реклама -