Стравот од змии е меѓу најчестите фобии и покрај тоа што многу луѓе не виделе змија во живо. Од каде тогаш произлегува овој силен страв?
Истражување, цитирано од Live Science, покажува дека луѓето развиле вродена тенденција да откриваат брзо змии и пајаци и да научат да се плашат од нив. Психолозите утврдиле дека и возрасните и децата откриваат слики на змии меѓу бројните други објекти побрзо отколку жаби, цвеќиња или гасеници. Научниците сметаат дека оваа способност им помогнала на нашите предци да преживеат во дивината.
„Идејата е дека за време на еволутивната историја луѓето кои брзо научиле да се плашат од змии, имаале предност да преживеат и да се репродуцираат” , вели Ванеса Лабу, психолог од Универзитетот во Вирџинија.
„За луѓето кои го детектираат присуство на змии многу брзо било поверојатно да ги предадат гените понатаму”. Антрополозите дури тврдат дека способноста да се забележат змии во дивината веројатно ги поттикнала раните примати да развијат подобра визија и поголем мозок. Научниците одлучиле да го истражуваат стравот од змии, водени од помислата колку широко распространета и универзална е одвратноста од овие суштества.
„Ова чувство е навистина распространето”, вели Лабу. „Не гледаме змии постојано. Всушност нема причина за таа исклучителна аверзија и омраза кон змиите.” Иако бебињата и сосема малите деца најчесто не се плашат од змии, тие се необично добри во способноста да ги откриваат и имаат тенденција брзо да започнат да се плашат од нив, на пример ако налетаат на негативни описи во медиумите. Во спроведеното истражување објавено во списанието Psychological Science, и возрасни, и тригодишни деца откривале слики на змии, опколени од други животни со слична форма и боја побрзо во споредба со други скриени објекти.
„Направивме истражување и со пајаци и откривме ист ефект”, истакнуваат психолозите. Тие не велат дека тој важи за повеќето фобии.
„Мора да е нешто широко распространето, што може да се судрите секојдневно. Затоа фобиите од лавови или мечки не се така честа појава. Освен тоа треба да е нешто што е присутно и било опасно по времето кога луѓето еволуирале. За работите кои се опасни денес, на пример огнено оружје, не сме имале доволно време да развиеме способност да ги забележуваме така брзо. “