Клубот The Van Tan Club тврди дека е најстариот канадски нудистички клуб и дека е еден од најживописните. Сместен е во планина, а натуристите што му се приклучуваат има што да видат. Сепак, и покрај сета убавина и сите удобства со кои располага (сауна, базен и сл.), клубот има проблем да регрутира млади членови.
Во седумдесетите, клубот имал 150 членови. Денес има останато само околу 50-60, а просечната старост е сé поголема со секоја измината година. А млади членови им требаат, што заради поголемата бесплатна работна сила, што заради за да се раздвижат работите и да има кој да ги наследи нудистичките заедници.
Таквата состојба не е типична само за The Van Tan Club – генерално, нудистичките друштва имаат недостаток од младина.
Фелисити Џонс – 27-годишната основачка на Young Naturists и Nudists America, вели дека членството на нудистичките организации постојано опаѓа во последните неколку декади. Од една страна, според неа, може да се работи за превисоките цени – престој во нудистички ресорт може да чини и до 500 долари. Во меѓувреме, пак, младите и општествтото стануваат сé поотворени за јавната голотија. Според студија од 2015-та, третина од Американците пробале голо капење или сончање (во 1983 биле 15%), додека повеќе од четвртина од Американците би размислиле да одат голи на плажа каде што облеката не е задолжителна (43% од испитаниците на возраст од 18 до 29 години). Значи, потенцијални кандидати има.
Според Џонс, можна друга причина е што нудистите се нели натуристи, па со тоа и не се многу инволвирани во друштвените мрежи и особено не во маркетингот преку интернет. Има такви клубови што не ни одговараат на мејлови, бидејќи сметаат дека тие што се навистина заинтересирани ќе користат телефон. А младите, знаеме, и те како се потпираат на интернетот кога бараат кои места да ги посетат или каква рекреација да изберат.
Некогаш знаат да бидат проблем и постарите членови, кои со презир гледаат на пирсовите и тетоважите по гениталиите и воопшто по телото, а и на сингл мажите, па и на жените.
А младите баш сакаат да носат пирсеви, да бидат сингл и да се соблекуваат, ама обично немаат доволно пари за да ги платат овие патувања или членарини, а и не сакаат да се дружат со дупло па и три пати постари од нив, што заради разликата во генерации, што заради глетката. Затоа се соблекуваат во помалку официјални пригоди, како што се плажите каде што тоа е дозволено.
Сепак, можеби главната причина е баш таа глетката. Не затоа што старите тела се неподносливо грди и тие луѓе треба да се срамат од нив, туку затоа што младите имаат проблеми со претставата за тоа како изгледа и како треба да изгледа човечкото тело. Медијата е најзаслужна за таквиот проблем, бидејќи со децении им ја вградува идејата за идеалното тело, па голем дел од младите одбивно гледаат на сé друго, а другиот дел се премногу засрамени затоа што го немаат и одбиваат да се соблечат за да не ги покажат своите несигурности. Ова особено важи за жените, кои постојано се соочени со предизвик да изгледаат како совршените женски фигури во медиумите и адвертајзингот.
Ама натуристите не се модели. Нив ги има во секакви големини и облици. Нивната околина е околина на прифаќање и никому не му е важно дали имаш лузни, брчки или сало на стомакот. И тоа е баш супер.