Да заштедиш е тешко. Но има и потешко. Да го потрошиш заштеденото.
Си решил да штедиш за ова или за она. Еве нека биде за „она“. И штедиш. Постојано тргаш извесна сума на страна. Така околу година. И заштедуваш – сумата е постигната. Ама оттогаш е помината уште година. А ти уште не си го купил тоа „она“.
Психологијата има одговор. Многу прост одговор, всушност. Тоа е: нашите цели се менуваат.
Во суштина, кога прв пат си поставуваме цел, ние сме во фаза на размислување со таканаречена „промотивна мотивација“. Во превод, мотивирани сме од позитивни нешта. На пример, целта да одиш на одмор те мотивира да започнеш со дополнителна работа и да заработиш повеќе пари.
Тешкиот доаѓа потоа, кога постигнуваме напредок кон поставената цел. Тогаш, фокусот ни преминува кон „превенциона мотивација“. Во превод, сега целта се менува во мотив да се избегне нешто негативно. На пример, ако ги потрошиш парите на планираната цел, после можеби нема да имаш доволно пари за да можеш да излезеш на вечера во ресторан цела година, или нема да имаш прилика да го купиш скапиот уред/предмет кој веќе некое време го посакуваш.
Е тоа води кон трендот да сме многу добри во поставувањето на цели, ама лоши во нивното исполнување, викаат психолозите. Нивната препорака е да се почне со делот „превенциона мотивација“. Значи, уште во старт да се откажеш од излегувањето на вечери, или најновиот модел на смартфон што си се таксал да го купиш, и така да заштедиш. Тогаш, викаат, шансите се поголеми дека ќе ја исполниш првично планираната цел и конечно да отидеш на проклетиот одмор.