Зошто на 20 степени во пролет одиме по кратки, а во есен носиме јакни?

Веројатно и самите сте забележале дека секоја есен, штом стигнат малку постудени денови, нас одеднаш ни се чини како да дошла зима. На истите тие температури во пролет би шетале по кратки, а сега ни доаѓа да носиме дури и шалови и капи… Зошто?

Проблемот не е до вас, туку до нашето тело. На луѓето едноставно им треба некое време за да се привикнат и прилагодат на студот, пишува The New York Times.

„Во текот на зимата се навикнуваме на температурите околу нас, така што 10 Целзиусови во февруари ни се чинат прекрасно топли, додека на таа истата температура во есен ни се чини дека е многу студено“, вели физиологот Џон Кастелани од U.S. Army Research Institute of Environmental Medicine (USARIEM).

Телото вежба да поднесува студ

Некои експерти сметаат дека причината за нашето различно доживување на истите температури на почетокот на есента и крајот на зимата е од чисто психолошка природа. Други експерти, пак, како Кастелани, сметаат поинаку. Според него, доказите упатуваат на тоа дека телото со тек на времето се привикнува на околните промени и вежба да го поднесува студот.

Еве краток преглед на тоа како нашето тело реагира на промените на температурата на воздухот во есен, и како тоа се разликува од реакцијата на нашето тело на температурите во пролет:

Луѓето различно го доживуваат студеното време

Веќе знаете од искуство дека секој од нас поинаку го доживува топлото или студеното време. Истражувањата, на пример, покажуваат дека лицата со посилна/покрупна телесна конституција губат повеќе телесна топлина при студено време од лицата со помала телесна конституција. Причината е едноставна – поголемите и покрупните луѓе зрачат топлина преку поголема површина на телото, па затоа и повеќе топлина губат. Од друга страна, подебелите луѓе губат помалку топлина од витките, бидејќи поткожната маст служи како еден вид изолација.

Исто така, постарите луѓе потешко поднесуваат студено време од младите.

Како реагира нашето тело

Кога почнуваат студовите, сензорите во нашата кожа – наречени терморецептори, ја препознаваат промената и праќаат сигнали до хипоталамусот – делот од нашиот мозок кој понекогаш се нарекува и телесен термостат. За да ја одржи телесната температура, хипоталамусот може да направи две нешта: а) да ги стесни крвните садови на периферијата на телото и да го смали дотокот на топла крв во екстремитетите и кожата, пренасочувајќи ја во внатрешноста на телото, каде топлината е најпотребна; или б) да започне тресење на телото, со што се генерира дополнителна топлина.

Како телото се прилагодува на зимата

Но, како што рековме, со текот на времето телото почнува поинаку да реагира на студот. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои често поминуваат на студено време имаат поголема толеранција на ниски температури бидејќи нивните крвни садови помалку се стеснуваат, или нивното тело повеќе трепери.

На пример, во едно истражување е забележано дека на  рибарите, бидејќи почесто посегнуваат во студената морска вода, рацете им се всушност потопли кога ги држат во студена вода споредено со рацете на испитаниците од контролната група кои не биле рибари.

„Во текот на целата зима чувствуваме студен ветер на своите лица и образи. Кожата постепено ни се навикнува на тоа и по некое време крвните садови на лицето веќе не се стегаат како претходно. Поради тоа имаме поголем доток на топла крв во лицето, а како резултат помалку го чувствуваме студот“, објаснува Кастелани.

- Реклама -