Европа и САД бележат епидемии и пораст на случаите со морбили, а според податоците на СЗО, нивниот број во 2017-та пораснал за 30% во споредба со 2016-та. Трендот продолжува.
Иако не може да се утврди точно до која мера, дефинитивно една од главните причини е трендот на одбивање на вакцинација. Меѓутоа, едно нешто што оние колебливите и оние кои се против вакцините можеби не го знаат, е дека морбилите, поточно вирусот на морбили, е екстремно заразен вирус. И не, зборот „екстремно“ не е чисто преувеличување.
Имено, кога докторите и научниците проучуваат како се шират болестите и вирусите, еден од важните фактори кој го пресметуваат е тоа колку луѓе, во просек, имаат голема шанса да се заразат преку контакт со само еден заболен. Тој фактор се мери преку основниот репродукциски број на вирусот, наречен „R nought”. Колку поголем е тој број, толку позаразна е болеста и толку потешко е да биде запрена меѓу населението.
Е па кај морбилите тој број е исклучително висок, што значи дека еден единствен случај може релативно брзо да прерасне во пандемија кога луѓето не се доволно заштитени, дали преку вакцинација или природен имунитет, велат експерти за Live Science.
Според американскиот Центар за контрола на болести (CDC), заразните болести како полиото, големата сипаница и рубеолата имаат R nought фактор во рангот од 5 до 7, што значи дека еден заболен е веројатно да инфицира 5 до 7 луѓе кои не се отпорни на вирусот. За споредба:
• еболата – која се смета за исто така исклучително заразна, има R nought вредност од „само“ 1.5 до 2 заразени по заболен
• Магарешката кашлица (ака. голема кашлица, пертусис) има R nought вредност од 5.5 заразени по заболен
• вирусот САРС има заразен фактор од 3 до 4
И конечно: Сите овие звучат смешно во споредба со морбилите. Според CDC, морбилите имаат R nought фактор од 12 до 18 заразени по заболен. Имајте го тоа на ум.
Повеќе на Live Science.