Прочуениот „Плави воз“ денес е музејско-туристички експонат на српската железница, а во времето на СФР Југославија претставуваше специјален воз од луксузен тип, кој беше користен за потребите на Јозип Броз Тито.
Возот беше во употреба од 1946 до 1980 година. Последен пат возеше на 5 мај пред 36 години, кога го носеше ковчегот на починатиот Тито од Љубљана до Белград. Од 2004 е прв пат отворен за домашната и странската јавност, а денес го посетуваат 30 до 40 туристички тури годишно.
Ознаките со „ѓаволовиот број“ се воведени заедно со локомотивите кои беа вклучени во композицијата во 1978 година. Тогаш, за потребите на Синиот воз, дизел-хидрауличните локомотиви од серијата JŽ 761 се заменети со четири нови дизел-електрични локомотиви од серијата JŽ 666, произведени од американската General Motors EMD (Electro-Motive Division). Беа наречени 001 — Dinara, 002 — Kozara, 003 — Sutjeska и 004 — Neretva.
Што се однесува до делот 666, се работи за вообичаена нумерација на локомотивите од овој производител. Првиот број означува дали локомотивата е дизел или електромоторна (6 или 4). Вториот број го означува бројот на погонски осовини на локомотивата, а третиот број ја означува серијата на производство. Така, на пример, 661 е дизел локомотива со 6 погонски осовини, прва во серијата. А ете, се погоди локомотивите на Тито да се со 6 осовини и од 6-та серија.
Само чудна коинциденција, или некој нешто сакал да ни каже? (Нормално, првото е.)