Зошто (и како) жешкото нé прави летаргични и поспани

Како што знаете од сопствено искуство секогаш кога сте излегле на пеколно сонце, не поминува долго пред да почнете да се чувствувате изморено и забавено. Што е тоа во жешкото време што нé прави такви?

Најкраткиот одговор, вели д-р Мишел Кејси (медицински директор на Duke Health во Северна Каролина), е дека телото ти работи есктра напорно за да те одржи ладен, а тој екстра напор прави да се чувствуваш изморено. Целта на таа напорна работа е да се одржи конзистентна, нормална внатрешна температура, објаснува таа. На жежок ден, телото прави неколку прилагодувања за да го постигне тоа.

На пример, ги проширува крвните садови – процес познат како вазодилатација, со што овозможува повеќе крв да тече во близина на површината на кожата. Кога тече блиску до кожата, топлата крв ослободува топлина, а вазодилатацијата, зголемувајќи го протокот во оваа област, овозможува ладење на поголема количина крв. Зголемениот проток во близина на кожата објаснува и зошто некои луѓе поцрвенуваат кога им е топло.

Паралелно со вазодилатацијата, телото излачува пот на кожата. Додека испарува, оваа пот ја лади кожата.

Но, за да ја постигне оваа есктра работа, телото мора да ја забрза работата на срцето, како и метаболизмот, со што се зголемува бројот на калории кои му се потребни на телото за да функционира. Сето тоа резултира со чувство на измореност и поспаност, вели Кејси.

Дополнително, повеќето луѓе го поминуваат животот во блага дехидратација, а еден од нејзините симптоми е токму заморот. Добивањето на оштетување на кожата како последица на сонцето дополнително ја интензивира дехидратацијата. Кога сончевите зраци допираат до кожата, по извесна количина, предизвикуваат промени во пигментот, брчки и изгореници. Овие хемиски промени всушност предизвикуваат и замор, вели Кејси. Тоа е така затоа што сега телото дополнително работи и за да ја поправи штетата на кожата.

Имено, изгорениците од сонце ја нарушуваат способноста на телото да ја регулира својата температура. Уште повеќе, кога ќе изгориш на сонце, телото пренасочува флуиди од останатиот дел од телото кон делот каде што е изгореницата, во обид да ја залечи кожата. Тоа доведува до уште повеќе дехидратација и замор.

Што да се прави?

Нормално, кога ви е топло, најдобро е да најдете сенка, поладна просторија и да се напиете ладен пијалок. Алкохол баш и не мора, бидејќи е диуретик и само може да ја зголеми дехидратацијата. Најдобро е сепак, вода, и нешто солено за грицкање, како переци или чипс.

Симптоми на топлотна истоштеност се интензивно потење, забрзан пулс и чувство на поспаност или несвестица. Ако продолжи подолго од еден час, се препорачува (освен горенаведеното и сите други стандардни препораки) да консултирате и доктор.

 

- Реклама -