Зошто големата бела ајкула никогаш нема да биде роб

Great-White-Shark-Wallpaper-Hd-4[1]

По само три дена апатично пливање и константно удирање со главата во ѕидовите на резервоарот, во еден аквариум во Јапонија почина уште една голема бела ајкула (Carcharodon carcharias). Мажјакот долг 3.5 метри бил уловен на брегот на Јапонија и тие 3 дена беше единствената бела ајкула во заробеништво во светот. Откако била донесена во јапонскиот резервоар, одбивала да јаде храна, а потоа и и се влошила состојбата. Но, ова не е прв, а нема да биде ни последен ваков случај. Всушност, приказната е само уште едно поглавје во долгата сага на човештвото и неговите обиди да „припитоми“ (читај: да зароби и да и го скрши отпорот) голема бела ајкула.

Таа е најстрашниот (и најважниот) предатор во океанот и отсекогаш била позната како лош кандидат за заробеништво. Првата таква ајкула била чувана во резервоар во 1981-та, во SeaWorld во Сан Диего. Била ослободена по само 16 дена. 198-те дена што една женка ги помина во Monterey Bay Aquarium во Калифорнија во 2004-тата, се најдолгиот рекорд, а воедно тоа е и првиот случај во историјата во кој голема бела ајкула била натерана да јаде додека е во заробеништво. На крајот, таа нападнала две други ајкули што живееле заедно со неа во резервоарот, по што била ослободена во дивината. Низ поновата историја има и други заробени големи бели ајкули, ама најголем дел од нив се или пуштени, или починати, најчесто по само околу три дена заточеништво.

2879_1shark_scaler_16[1]

Постојат неколку фактори што не им даваат на ајкулите од видот Carcharodon carcharias да се помират со ропството. Главниот е нивната миграторска тенденција да патуваат големи далечини. Научниците имаат забележано дека обележаните ајкули некогаш завршуваат на другата страна на светот (во 2014-та, една од нив е следена како плива преку целиот Атлантски океан). Од друга страна, на ајкулите им е потребна и пространа водна површина и постојано да пливаат, за да може што повеќе вода да протече низ нивните шкрги и со тоа да дишат.

Со други зборови, чувањето на голема бела ајкула е логистички кошмар за аквариумите.

Во многу случаи, вклучувајќи го и тој во Јапонија, заробените големи бели ајкули удираат со носот во стаклените ѕидови. Таа во Monterey Bay била толку упорна што дури се здобила и со повреда. Дел од проблемот е и сетилото за електрорецепција што го имаат ајкулите – вештина што им овозможува да ги насетат електричните полнежи на водата околу нив. Теоријата на научниците е дека ова им попречува да ги детектираат стаклените ѕидови, заради малиот електричен полнеж што стаклото го оддава.

Вака отприлика изгледа тоа:

Големите бели ајкули се и далеку поагресивни од другите видови аквариумски животни, како раите или морските желки. Контролирањето на ваков ѕвер не е лесна задача. А не е лесно ни хранењето. Големата бела ајкула е предатор и генерално јаде само жив плен, освен во ситуации кога нема доволно храна. Било која зоолошка што би се нафатила да чува ајкула, би морала да ја храни со живи животни, а тоа не само што е тешко остварливо на логистички план, туку и не е баш за пред публика.

Со ваква лоша репутација (сета историја на големите бели ајкули во заточеништво, заедно со тоа колку време „издржале“, можете да ја видите на линков), несфатливо е зошто аквариумите воопшто би се нафатиле да чуваат ваков нескротлив ѕвер, ама познавајќи го човештвото, ќе продолжиме да се обидуваме.

- Реклама -