Зошто е толку тешко да се „кака“ во јавни тоалети?

ef3fe965-38d9-4b86-a7ec-86f20e9b43ee-1920-1080[1]

Малкумина се тие што со радост гледаат на „повикот на природата“ кога ќе дојде во време кога се далеку од дома, но кај некои луѓе, тоа предизвикува сериозна анксиозност. Ако си и ти еден/на од нив, веќе го знаеш тоа.

„Имам пациенти кои знаат да отидат дури до дома, за да одат во ве-це. Имам и такви што чекаат сé додека тоалетот целосно не се испразни. Имам и пациенти што имаат ‘тајни’ тоалети во зградата каде што работат, каде што колегите не можат да ги чујат или помирисаат додека се во ве-це“, вели д-р Френк Џ. Силео – психолог, автор и говорник од Њу Џерси.

Тоалетната анксиозност е општ термин со кој се опишуваат бројни разни проблеми поврзани со користењето на јавни тоалети. За некои, тоа значи едноставно да не можат да се олеснат ако се надвор од дома. За други, значи дека воопшто не можат да ги користат тоалетите – ни за уринирање, ниту за дефекација. Од каде оваа анксиозност?

„Луѓето се срамат од мирисот и звуците при одење во тоалет“, вели Силео. „Ова е веројатно еден од најголемите фактори за тоалетната анксиозност. Ги прави луѓето да се чувствуваат ранливи“.

Стравот или неможноста да се дефецира кога има други луѓе во близина се вика паркопрезис. Поврзан е и со некои подлабоки состојби, како генерална социјална анксиозност или опсесивно-компулсивно пореметување (OCD), при која луѓето повторуваат одредени рутини или искусуваат одредени мисли.

„Состојбите како OCD со фокус на бактериите и вирусите, често се поврзани со тоалетната анксиозност“, вели Силео. „За некој со OCD и страв од вируси, тоалетите се само уште едно место каде што тие ја искусуваат нивната анксиозност. Да бидеме реални, многу јавни тоалети не се баш најчисти. Така, многу ритуали, од допирање на кваката на вратата, неседење на тоалетот, облеката што го допира тоалетот, и понекогаш и подот, пуштањето на вода… сé тоа создава анксиозност“.

Непознат е бројот на луѓе што можат да се олеснат само во тоалетите што ги сметаат за безбедни и приватни, но Меѓународната асоцијација за парурезис проценува дека околу 220 милиони луѓе во светот т.е. 7% од глобалната популација – се немоќни да уринираат во јавни тоалети.

Д-р Симон Ноулс – интернационален експерт во полето, истакнува дека има многу малку спроведено истражување околу парурезисот, а како главна причина наведува што прв пат, таа состојба е идентификувана дури во 1954 година. Паркопрезисот – уште помалку. Ноулс – клинички психолог и предавач на австралискиот универзитет по технологија Свинбурн, работи на тоа да ја смени таквата ситуација со помош на психолошка скала која ќе овозможи објективно и конзистентно мерење на срамежливите мочни меури и дебели црева.

Само мал број студии се спроведени со цел подетален увид во користењето на јавните тоалети. На пример, таа за уриналната етика од мај 1976 (во Journal of Personal Social Psychology). Во таа студија, волонтерот влегувал во машки тоалети и застанувал до несомничавата „жртва“ или на едно биде подалеку, додека за сето време во една од кабините се криел еден од истражувачите. Студијата покажа дека колку поблиску е волонтерот до субјектот, толку подолго му треба на субјектот за да уринира.

Студија од 1985-та, пак, покажува кон бихејвиорални граници кои се чини се подеднакво неопходни како физичката сигурност што ја нуди тоалетната кабина. На пример, се вели во студијата, пријателите што влегуваат заедно во јавен тоалет, престануваат да зборуваат по влегувањето во кабините. А странците, се чини, формираат некаков вид на друштвен договор, во кој се забележуваат, но потоа се однесуваат како да се потполно сами.

Не е само близината на другите луѓе таа што создава анксиозност. Во 2012-та, Британскиот журнал за криминологија ги интервјуираше корисниците на еден од 20 јавни тоалети. Мажите пријавиле зголемена анксиозност околу тоа дека можат да бидат нападнати, или дека ќе ги гледаат, или дека ќе бидат фатени како гледаат во другите. Жените се подруштвени со непознатите и се фокусираат главно на чистотијата.

Хигиената или недостигот од истата, се разбира, не може да не се земе како фактор во стравот од јавните тоалети. Дури и за луѓето кои обично немаат проблеми, нечистиот тоалет знае да инспирира сериозна загриженост.

- Реклама -