Пишува Кица Колбе, за „Дојче Веле“
Внука ми, од минатата недела прваче во Келн, од голема возбуда пред тој голем настан за секое дете, почна да ги брои деновите уште пред еден месец. Од денот на крајот од јули, кога за неа заврши времето во градинката. Децата кои по летниот распуст одат во школо, во германските градинки се испраќаат со прекрасни, многу емотивни прослави. Во подготовките за нив учествуваат не само воспитачките, туку и сите помали дечиња. Внука ми не тагуваше толку многу по градинката, колку што нестрпливо чекаше да стане прваче. Летото и‘ се чинеше долго и здодевно. Копнееше по новото и непознатото, а тоа за неа сега е училиштето. Во последните две недели секое утро откинуваше еден лист од календарот. Се‘ до 29-ти август – денот на првачињата во ова лето во покраината Северна Рајна Вестфалија!
Непроменета традиција
Датумот за почетокот на школската година во германските покраини се менува секоја година. Првачињата тој ден на патот кон училиштето ги придружуваат не само родителите, туку и бабите и дедовците, помалите сестри и братчиња. Прославата за првачињата во Германија секогаш започнува рано наутро со служба во најблиската црква. Првачињата поаѓаат на училиште еден ден подоцна од постарите ученици. Сите постари ученици учествуваат во свеченостите за првачињата. Тие ги пеат сите песни, затоа што веќе ги знааат. Во Германија е обичај, првачињата од родителите и од роднините при поаѓањето во школо да добијат „Schultüte” – „школски фишек“ – цврста торбичка со облик на голем конус, преполна со подароци. Ја отвораат дури дома, на прославата со фамилијата. А ја држат в раце сето време. На патот до школото, во црквата, во школскиот двор, на првиот час во училницата. По службата, во дворот на црквата, родителите и роднини традиционално се фотографираат со своите првачиња, кои во рацете ги држат „школските фишеци“. Секој Германец има во своите стари албуми таква фотографија – со школкиот ранец на грб и со шарениот фишек в раце. Тоа е непроменета традиција до денешен ден… Целиот текст прочитајте го ТУКА.