Кога од Хајди Нилсен побарале да прикаже видео кое го илустрира начинот на кој растела како дете во родната Данска, Хајди малку се замислила.
Нилсен е поранешна наставничка и актуелен професор по педагогија. По кратко колебање, таа избрала снимка од мало девојче кое радосно мафта со видливо остра секира. И што е најинтересното, Нилсен ја смета таа снимка за перфектно олицетворение на тоа како изгледа детството во Данска, не само нејзиното, туку општо, на данските деца.
А тоа, веќе насетувате, е резултат на поинаквиот пристап на родителите, кои се на ставот дека децата усвојуваат вештини преки дејствие, а не преку слушање на туѓи објаснувања.
Затоа и учителите, и родителите, ги оставаат децата да прават тоа што сакаат да прават – трчање, скокање, пентарење, жмурки, па и игри со потенцијално опасни предмети. На детските игралишта во покраините на Копенхаген, децата дури и ги охрабруваат да палат оган, се разбира, под надзор на воспитувачи. Во централните подрачја, од друга страна, има мини модели на сообраќајните улици (мини паркови со сообраќајни обележја, знаци, кружни текови и слично), каде децата учат да возат точак и да ги избегнуваат опасностите.
Кратко речено, сите се стремат да ги воведат децата во светот на возрасните – што поподготвени.
Со тоа Данска е одличен пример за тоа како воспитувањето може да биде водено од детето. Таму владее девизата дека независноста самата по себе го наложува учењето, за разлика од паничното штитење на децата од опасности – кое се смета за сигурен начин тие да не ги добијат основните животни знаења.
Нилсен потврдува дека фокусот во Данска е кон слободните игри; Ако влезете во јасли или градинка, ќе видите дека воспитувачите главно само набљудуваат, а не се мешаат во игрите и не им кажуваат на децата што и како да прават. Наместо тоа, ги насочуваат да го истражуваат околниот свет.
Таквиот пристап е доста различен од пристапот во поголемиот остаток од Европа, каде децата најмногу време поминуваат на часови, во школо и вон школо, дури и кога тоа што го учат/тренираат не им е посебно интересно. Во Данска таквиот академски пристап е речиси целосно напуштен, а природата игра важна улога во воспитувањето на децата.
На пример, детските игралишта се направени од природни материјали, а не од шарена пластика. Ризиците при играњето се нешто што се очекува, и охрабрува. Данците прават разлика меѓу тоа да се повредиш, и вистински сериозно да се повредиш. За сериозна повреда се смета, на пример, скршена коска, ама модриците не се сметаат за фатални. Ако детето падне, ќе биде охрабрено да стане. Никој не ги критикува воспитувачите и не пишува жалби ако детето му се врати дома со модрица.
Во Данска речиси секој се согласува дека децата можат да понесат одговорност за себе уште од најрана возраст, и затоа им се дава можност да ја задоволат нивната жед за авантури. На игралиштата, во присуство на воспитувачи, децата не само што некогаш учат да палат оган, туку учат и да ракуваат со опасни предмети, како нож или секира.
Во основа на сето тоа е идејата дека децата имаат потреба од игра и од природно поттикнување на љубопитноста, а не толку од знаења, било за да бидат примени на универзитет или да најдат престижна работа. Што е најинтересно, во време на побрз од било кога развој на вештачката интелигенција, многумина од бисниз менаџерите сметаат дека токму ваквиот слободен пристап ќе ги создаде кај децата неопходните вештини за животот што ги чека.
Институциите исто така имаат голем удел во ваквиот систем на воспитување на децата и видливата спокојност на родителите.
Родителите, на пример, добиваат широкогради детски додатоци додека децата им наполнат 16 години. Мајчинството започнува 4 седмици пред терминот и трае 14 седмици по раѓањето. И мајката и таткото можат да земат до 32 седмици дополнително родителско отсуство.
Веќе на едногодишна возраст повеќето од децата тргнуваат во јасли, кое е евтино, но сепак со квалитетна грижа која ги следи принципите на слободниот развој на децата. Дури и приватните училишта се субвенционирани и 70% од надоместоците се покриени од државата. Затоа Данска е една од земјите со највисок процент на учество на жените во пазарот на трудот. Поради таквиот систем, концептот на мајка домаќинка која седи дома и чува деца – не постои.
Од друга страна, дождливото и ветровито време не се причина децата да не се надвор. Како што објаснува Нилсен, тие се научени добро и соодветно да се облекуваат, но и да кажат кога им е студено (за разлика од нас, кои ќе измрзневме надвор само за да не се вратиме дома по блуза од страв дека ќе нé приберат).
Сепак, и ваквиот систем не е 100% успешен и си има критичари.
Самата Нилсен признава дека пристапот е проблематичен, особено во пораните детски години, кога децата сé уште се учат да се социјализираат. Некои деца, особено од посиромашните или мигрантски семејства, немаат добро развиени друштвени вештини, а без неопходниот надзор можат и да не ги придобијат. Во такви услови, шансите дека детската игра ќе се претвори во нешто налик на книгата/филмот „Господарот на мувите“ секогаш постојат.
Другата критика оди на сметка на образовниот систем, кој не е така фален како финскиот и естонскиот. Државата троши големи суми на субвенции, но резултатите што се постигнуваат, на меѓународните тестови на пример, се прилично просечни.
Сепак, предноста на данските деца, која ги надминува дури и овие критики, е што тие имаат доволно простор и време едноставно да бидат деца.
виа Quartz