Зошто американските преградија осиромашуваат?

BESTPIX  Homelessness Reaches All-Time Record In New York City

Многу жители на предградијата на американските градови паднаа во котелот на сиромаштијата. Главните причини за тоа се ниските плати, скапите наеми на недвижностите (станови, куќи), и високите расходи за транспорт, кои втурнуваат цели семејства во должничка спирала.

Градовите отсекогаш биле пренаселени места. Но според податоците на ОН, бројот на градски жители е на пат да се удвои до 2050 година и да стигне до 3.5 милијарди лица. Во САД, 63% од населението веќе живее во градовите. Тоа ја става на тест нивната инфраструктура. Сепак, од друга страна, многу луѓе живеат и вон границите на градовите, а таму секојдневието е секојдневен предизвик.

Сестрите Андервуд и Тоња Пинкстон и повеќе од добро се запознаени со проблемот. Во април, кога го завршува курсот за авијациски менаџмент, Андервуд престанува да ја добива стипендијата за живот со која дотогаш го плаќала наемот на станот. Заедно со трите деца, таа е принудена да се пресели кај сестра ѝ. Новото седумчлено семејство сега живее во двособен стан во округот Гвинет Каунти, северно предградие на Атланта.

„Не можам повеќе вака“, вели Пинкстон. „Треба да најдеме нешто друго, дури тоа да е и еден од оние мотели кои нудат подолг престој“.

Поскапи наеми на станови

Наоѓање живеалиште за семејството се покажува како многу тешко. Пинкстон и мајката на двете сестри добиваат инвалидски пензии, со што Андервуд станува главен извор на приход за семејството. Сепак, тие можат да си дозволат малку од местата кои се доволно големи за таму да се соберат сите. Дури и семејството да се подели на две, опциите се многу ограничени. Наемите, дури и во предградијата, се многу пораснати, а голем дел од најдобрите станови кои се издаваат во предградијата на Атланта се сопственост на приватни фирми. Многу од тие компании се појавија на пазарот на недвижности за време на рецесијата, купија куќи под хипотеки и ги обновија за да ги издаваат. Тие се вообичаено пристојни станови, но наемите за нив се високи, а кредитните побарувања – построги. Голем дел од луѓето во областа не можат да ги покријат таквите стандарди. Затоа некои се принудени да изнајмуваат соба на долг рок во локалните мотели, каде не се проверува кредитниот рејтинг на корисникот. Други живеат и по неколку генерации под ист покрив.

„Наемот се покажа како тежок товар за семејниот буџет, а јас знам дека не ми се исплати да патувам до работа“, вели Андервуд.

Патувањето значи дека ќе треба да плаќа за автомобил, и да им ги остави децата на сестра ѝ и мајка ѝ на чување додека е на работа. Сестрите не сакаат да се преселат во уште поевтино предградие, на пример, на југот на Атланта, затоа што тоа ќе значи дека децата ќе сменат училиште, а четирите деца, меѓу кои е и најмалото на Андервуд, кое е аутист, се чувствуваат многу добро во нивните сегашни училници.

Семејството знае дека се во потешка ситуација од соседите. „Ние едноставно се обидуваме да ги набавиме најнеопходните нешта – пристојно, чисто место за живеење, просечен автомобил за превоз“, вели Пинкстон.

Национален проблем

TrailerPark-1250x650[1]

Сиромаштијата во предградијата на Атланта значително е порасната: помеѓу 2000 и 2012 година, порасната е за 150 проценти. Но тоа важи не само за Атланта. Во Денвер, на пример, зголемувањето е 131%, а во Портланд 98% проценти. Скоро 16.4 милиони луѓе од предградијата на САД се изјаснуваат како сиромашни, а ако се задржи сегашната тенденција, нивниот број може да порасне до 24.5 милиони до 2020 година. Таа тенденција започнува пред финансиската криза, но рецесијата заостри многу од проблемите, кои економското закрепнување не ги реши.

„Тој брз раст на сиромаштијата во втората половина од минатата деценија сопре, но ситуацијата не се подобри, сé уште сме под притисок“, вели Елизабет Нијбоун, истражувач од Институтот Брукингс. Нејзиното истражување посочува низа фактори – стагнација на платите, намалување на добро платените позиции со полно работно време, недостигот на достапни станови и транспорт, како и лошото образование и професионална доквалификација. Дури и оние кои се над прагот на сиромаштијата се засегнати заради самиот факт дека живеат во сиромашна област, особено од криминалот и недофинансираните училишта. Семејствата пак, кои плаќаат над своите можности само за да се тргнат од тие квартови, ризикуваат да отидат во банкрот и евентуално во уште поголема сиромаштија.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

„Сегашните сопственици на станови се заглавени до гуша“, вели Џон О’Калахан, претседател на Atlanta Neighbourhood Development Partnership. „Тие имаат прифатено многу незгодни услови за своите кредити, за да си ги сочуваат домовите, и сега се приклештени“.

О’Калахан објаснува дека тоа довело до недостиг на станови во предградијата на Атланта. Сопствениците не можат да ги продадат своите домови затоа што ќе загубат пари. Освен тоа, повеќето од нив немаат можност да ги реновираат, а во некои од куќите се примени големи семејства чии членови немаат можност сами да живеат.

Добриот самарјанин

Во јужните предградија на Атланта, Нкрума Мур им помага на семејствата кои се нашле токму во таква ситуација. Во последите осум години, тој купува станови и бесплатно им ги дава на бездомните семејства на период од три до шест месеци, додека застанат на нозе. Тие домови вообичаено чинат околу 20.000 долари, а додека ги реновира и подготвува за давање под наем, Мур им дозволува на сиромашните локални  луѓе да живеат во нив. Тој често дури и ги вработува во неговата компанија за општа работа, со која го финансира купувањето на истите станови. Според податоците од Статистичката служба на САД, во Клејтон Каунти – каде што живее Мур, просечниот приход по глава на жител во 2014 година изнесувал 18.074 долари, за разлика од сиромашната Атланта, каде изнесувал 35.719 долари. Мур почнал да пушта луѓе да живеат бесплатно во неговите станови за време на рецесијата, кога видел дека има толку многу празни станови, а толку многу бездомници. Сега тој поседува седум куќи.

„Многу луѓе се мачат и немаат каде да одат“, објаснува Мур. „Предградијата не се наменети за семејства, а многумина ја губат својата работа затоа што не можат да одат на работа со автобус“.

Неопходност од автомобил

Лошиот транспорт е главниот проблем за голем број жители на сиромашните предградија. Некои луѓе патуваат со часови секој ден, и/или менуваат по неколку автобуси и возови за да стигнат до работа. Други пак ја губат работата затоа што не можат да стигнат до неа без автомобил. Зависноста од автомобил е уште едно бреме за буџетот на семејствата. „Многу луѓе си мислат дека заштедуваат пари ако се преселат подалеку од градот“, вели О’Калахан. „Дополнителните трошоци за превоз и времето за стигнување до работа всушност само ги заоструваат нивните проблеми“. Но и наоѓањето работа поблиску до дома не секогаш е добра варијанта.

„Во предградијата има работни места во трговијата на големо, индустријата и во градежништвото, кои исто така не секогаш се исплатат“,  вели Нујбоун. „На почетокот од економското заздравување, ние едноставно броевме работни места, но сега е јасно дека треба да разбереме за какви работни места станува збор, колку добри се тие, каква е платата и каде се наоѓаат“.

Ниту еден од овие проблеми не е карактеристичен само за САД. На глобален план, со преселувањето на сé повеќе луѓе во градовите, други ќе бидат протерани од нив. И додека вниманието ќе биде фокусирано на инфраструктурата потребна за милијардите градски жители, сиромаштијата на луѓето кои ќе бидат изолирани надвор од градските ѕидини ќе се претвори во неизлечива гнојна рана.

БиБиСи

- Реклама -