Изјавите и соопштенијата следувале по јавните средби со Алексис Ципрас, но всушност Заев бил во речиси секојдневна комуникација со својот грчки колега (и доживотен пријател, вели), исто како што биле и министерот Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и нивните кабинети, признава екс-премиерот Зоран Заев во ексклузивното божиќно интервју за „ТВ24“, прашан да открие некоја нова пикантepиja од преговорите за Преспанскиот договор.
При една од тие комуникации, открива Заев, по повеќе од еден час телефонски разговор, Ципрас му посочил „уште еден проблем“:
„После саат време разговор, вели: Зоран, има уште еден проблем. Кој проблем, нов проблем? – реков. Вика, нов е проблемот. Што е проблемот, Алексис? Вика, имаш многу убава ќерка. Викам, а ти син да не имаш? Вели имам два. Викам, еве го бе Алексис, ќе го постигнеме сеа договорот, малку ќе попуштите за името, јас ќе ја дадам ќерката, ние немаме море, ќе дадете едно острово. Така да, пополека, ќе го најдеме решението“, се пошегувал Заев, открива во интервјуто.
„Тој додека се смееше, го прашав: Добро, од каде знаеш дека имам убава ќерка. Вика, беше на Акрополис со дечкото, па има слики, па објавено е тоа во грчките медиуми. Па ми објасни, неговите деца се навистина помали, на 9 и на 6 години, значи на пола од мојата ќерка. Но така, беше убав муабетот“, споделува Заев, додавајќи дека ваквите „убави моменти“ во разговорите со Ципрас дополнително ги охрабрувале да продолжат во потрагата по конечно решение. Сепак, истакна Заев, главниот предуслов за постигнувањето на договорот бил тоа што едната страна водела сметка и за другата, и обратно.
Прашан од новинарот, Заев рече дека е горд на Преспанскиот договор. „Ако ме прашате мене, еве себично да тргнеме, ќе кажам ние повеќе добивме“, додаде тој.
Овој дел од интервјуто можете да го погледнете од 17:50 во видеото: