Зоолошката градина денеска повторно ги отвори вратите за посетителите

Зоолошката градина во Скопје беше затворена точно три недели откако Агенцијата за храна и ветеринарство тогаш потврди присуство на птичји грип кај угината гуска

21 ден откако беше затворена, скопската зоолошка градина денеска повторно ги отвори вратите за посетителите. Причина за тринеделното затворање на објектот беше потврдата за присуство на причји грип кај угината гуска од страна на инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство. Поради тоа, превентивно беа убиени сите птици кои биле на истата локација како угинатата гуска, а дополнително беа наредени мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката градина кај животните и кај луѓето. 

Во изјава за ТВ Телма, негувателката Маја Дојчиновска изјави дека овој период колективот во зоолошката го искористил за реновирање на живеалиштата и подготовки за зимскиот период.

Животните тука се навикнати на посетителите, дури имаме и многу редовни посетители кои животните мислам дека некогаш и ги препознаваат. Навикнати се на гужва, на луѓе и сето тоа им недостасува, нашите живеалишта се огромни, по сите стандарди, така што животното и ако има гужва може да си има своја приватност. И за нас вработените и за животните оваа тишина беше невообичаена“,

изјави Дојчиновска за ТВ Телма.

Вчера, пак, од АХВ беше испратено соопштение во кое апелираа до граѓаните лично да пријават до Агенцијата доколку пронајдат угината дива птица од водните видови оти птичјиот грип се шири преку директен контакт со заразени птици или со нивни секрети, особено фекалии.

„Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува одгледувачите на живина дека задолжително е пријавувањето промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината, до надлежен официјален ветеринар или ветеринарно друштво, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето“,

велат од АХВ.

Оттаму велат и дека дивите птици, најчесто преселните, се резервоар и најчести преносители на вирусот на болеста птичји грип.

- Реклама -