Зомби апокалипсата е нешто што нема да ги изненади младите генерации, особено затоа што интензивно се шегуваат и се подготвуваат за истата. Енивеј, ако се случи, нема да трае долго – тврди математичкиот модел на истражувачкиот тим на студентите по физика на универзитетот во Лестер.
Според нивната симулација, целата човечка популација на Земјата ќе се сведе на само 273 преживеани, и тоа во рок од само 100 дена. Студентите пресметале дека во случај на појава на зомби вирус, зомбите би биле надбројни над луѓето во размер милион спрема 1. Дури и кога тие што ќе останат би успеале некако да преживеат (уште девет месеци) – како во сценариото на серијалот Walking Dead, мала е веројатноста дека ќе успеат одново да ја населат планетата пред да бидат „изедени“ од зомбите.
Инаку симулацијата е направена со таканаречен SIR модел, кој во епидемиологијата се користи за да се симулира ширењето на болести низ одреден временски период. Калкулациите се направени врз претпоставка дека секое зомби дневно би можело да пронајде по еден човек, при што шансите за зараза со вирусот би биле 90%. Инаку, едно зомби (со мртов мозок) би живеело во просек по 20 дена.
Таквата епидемија, покажува моделот, би била двапати посмртоносна од епидемијата на чума во средниот век. Притоа, „експертите за преживување“ – за кои Американците имаат супер назив – „препери“ (од prepare – подготвува), предупредуваат дека освен од зомбите, заканата по луѓето ќе доаѓа и од самите нив – во нивната желба за преживување, и самите ќе станат дел од опасноста.
Иако епидемијата на зомби вирус е чиста измислица, ова не е прв пат зомби апокалипсата да се користи во контекст на јавната здравствена безбедност и проблеми. На пример, во еден вирален пост на својот блог, американскиот Центар за контрола на болести (CDC) зомби апокалипсата ја нарече „метафора за спремност на катастрофи во реалниот живот“.