Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудија денешниот, како што велат, непримерен и омаловажувачки однос на градоначалникот на општина Карпош – Стевчо Јакимовски, кон новинарите, за време на изјавата пред Кривичниот суд.
Според ЗНМ и ССНМ, на новинарските прашања упатени до градоначалникот Јакимовски денеска пред судот, наместо да одговори на новинарските прашања поврзани со судската постапка во која тој и неколкумина се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување како претходен градоначалник на општината Карпош, Јакимовски изјави дека имал одлични менаџерски способности и дека прашањата упатени од страна на новинарите кон него биле „смешни”. Исто така тој ги обвини новинарите дека денешното присуство на медиумите и новинарите на првото рочиште било оркестрирано од страна на „еден центар”, се посочува во соопштението.
„ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека градоначалниците се избрани функционери платени од граѓаните и имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај не може да биде оправдана лична пресметка на јавни настани. ЗНМ и ССНМ ги упатуваат засегнатите политичари да имаат поголема култура во јавната комуникација и односот со медиумските работници бидејќи новинарите служат да ја информираат јавноста а не да задоволат нечии партиски очекувања.
ЗНМ и ССНМ апелираат јавните личности, избраните функционери да се воздржат од изјави кои на кој било начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности“, се вели во реакцијата.
Јакимовски, пак, се огласи на Фејсбук и тврди дека никогаш во својата политичка кариера не се пресметувал со новинар и дека секогаш имал отворен и транспарантен однос кон медиумите. Во објавата тој реагира и за, според него, погрешно пренесена информација и неточно информирање на јавноста од страна на, како што вели, „неколку провладини медиуми“.
„Почитувани, во врска денешното судско рочиште, сакам да ја информирам јавноста за погрешно пренесена информација во некои медиуми дека имало други обвинети заедно со мене кои признале вина. Сакам да појаснам дека неточно се информира јавноста затоа што се работи за сосема друг предмет во кој јас не сум обвинет. Не сакам да верувам дека оваа грешка е намерна, но за жал се прави ист превид кај неколку провладини медиуми“, напиша Јакимовски.
„Во врска со забелешките за некаква лична пресметка со новинарите кои денеска известуваа од пред судот, најодговорно тврдам дека никогаш во мојата долгогодишна политичка кариера ниту сум се пресметувал, ниту сум имал намера да се пресметувам со било кој новинар или медиумски работник.
Всушност, граѓаните добро знаат дека јас од секогаш сум имал отворен и транспарентен однос кон медиумите и јавноста, никогаш не сум бегал од незгодни прашања ниту сум избегнувал да дадам отчет на било каква тема од јавен интерес. Така беше и додека бев градоначалник во претходните мандати и кога бев министер, но и кога бев во опозиција.
Впрочем, мојата предизборна кампања беше најтранспарентна и најотворена за секаков вид на прашања од било кој друг кандидат не само во Карпош, туку и во цела Македонија. Одговорив на илјадници прашања на граѓаните кои ми ги поставуваа и при директни средби, и на социјалните мрежи, а исто така не избегнав ниту едно прашање од новинарите и од политичките противници на телевизиските емисии.
И во иднина планирам да продолжам да комуницирам со граѓаните и со медиумите на таков начин, секогаш во полза на јавниот интерес“, порача Јакимовски во однос на осудата од ЗНМ и ССНМ.
Како што пренесоа медиумите, Јакимовски денеска пред судот, откако беше одложено рочиштето врз основа на документација според која целото семејство на неговиот адвокат е позитивно на Ковид-19 и затоа и тој во моментов се наоѓа во изолација, изјави дека тој и неговите вработени „чесно и поштено“ работеле и дека „се чисти како солза“.
Прашан како ќе ги менаџира обврските во општината со појавувањата на суд, сега кога е градоначалник, тој изјави дека има капацитет за повеќе работи и дека е добро организиран, оценувајќи го прашањето како „смешно“.
„Смешно ви е прашањето. Секогаш сме се јавувале на сите рочишта и секогаш сме биле присустни. И на сите рочишта ќе присуствувам“, рече Јакимовски.
Освен тоа, тој реагираше дека медиумското присуство било оркестрирано од „еден центар“:
„Прво, срамота е ова што го гледам пред мене. Очигледно оркестрирано од еден центар сте дошле сите како медиуми. Јас ги почитувам медиумите, меѓутоа јас на овие врати сум повеќе од 2 години и медиум не видов. Сега изгледа некому тешко му паѓа победата што ја имам и ова е лошо за сите“, изјави (старо)новиот градоначалник на Карпош.
Истите обвинувања Јакимовски ги повтори и во Фејсбук статус, правејќи споредба со „режимот“, изразувајќи подготвеност да биде, со негови зборови, „црн ѓавол“, за времетраењето на неговиот нов мандат.
„Нека, тие мене со камења а јас нив со леб!“, допиша Јакимовски.