Една е мајка, ама една е и баба. Бабите (и дедовците) се извор на мудрост и радост, а и ништо чудно – имаат каде-каде подолг стаж на светов и доволно време да сфатат дека нема ништо поубаво од љубовта, особено онаа кон внуците. Како и многу други среќници, јас израснав со нив и на нив им должам некои од најважните први лекции што ги научив.
Но, ние не сме единствените – и слоновите (и китовите) ја имаат таа среќа.
Овие животни обично живеат во големи семејства составени од бебиња и женски постари слонови. Тие често се водат од повозрасната женка која има важна социјална улога во семеството.
Едно истражување на оваа тема, спроведено од проф. Филис Ли, открива нешто изненадувачко – бабата се покажува како значаен фактор за опстанокот на слоновите.
„Беше неочекувано за нас“ – вели Ли. „Не верувавме дека ќе откриеме позитивна врска помеѓу присуството на бабата и репродуктивниот успех на ќерките.“
Само човекот, китовите и слоновите имаат баби
За повеќето животни, да си жив и да раѓаш се неразделно поврзани. Слоновите кои можат да живеат долго откако ќе престанат да се репродуцираат се прилично ретка појава.
Дел од причината за тоа е долговечноста на слоновите. Тие можат да живеат до 70 години. Многу животни воопшто не можат да доживеат да ги видат децата на нивните деца, но дури и да ја имаат оваа можност, повеќето други животни немаат посебна врска со своите деца кога тие ќе пораснат. Кај многу видови можеме да видиме како мајката и бабата се борат за ресурси, ако живеат на истото место, но не и кај слоновите.
Слоновите се поддржуваат меѓусебно
За жал на дедовците, треба да кажеме дека во случајот нема машки еквивалент на оваа појава. Веднаш штом ќе созреат, машките слонови го напуштаат семејството, па дури и да доживеат да ги видат децата на своите деца, немаат улога во заедницата.
Што прават бабите слонови за семејството?
Тие го чуваат бебето, го следат и му помагаат при тешкотии.
Обично бабата е исто така и шеф во семејството. Го водат слончето на најдобрите места, кај најдобрата храна и вода, или имаат водечка улога во интеракцијата со други семејства слонови.
Ли ги базира заклучоците врз информации собрани од повеќе од 800 слонови, во Националниот парк Амбозели во Кенија. Таму, научниците ги набљудуваат животните со децении. Голем дел од собраните податоци допрва ќе бидат обработени, а којзнае, можеби ќе дознаеме и други импресивни нешта за веќе импресивните баби-слоници.