Злато и дијаманти во сефот на Тито

Во сефот на Тито се пронајдени, меѓу другото, 30 килограми злато и околу 150 предмети со скапоцени камења на семејството Караѓорѓевиќ.

Минатата недела Државната комисија го отвори таканаречениот Сеф на Тито во Народната банка на Србија, по речиси 30 години откако, по одлука на Претседателството на СФРЈ, тие предмети биле депонирани.

Весникот „Данас“ ексклузивно дознава што имало во сефот.

„Главно станува збор за злато за кое не се знае како се нашло во резиденцијата на Тито и за што требало да служи како и за скапоцености и одликувања од кралското семејство Караѓорѓевиќ“, пишува „Данас“.

Можно е златото да било земено од државните резерви за да му биде на располагање на Тито и раководството на земјата во случај на нужда или непредвидени околности како што се агресија на државата или некои слични околности.

Ордените на Тито, според одлуката на Претседателството на СФРЈ, без оглед на нивната вредност, не се депонирани во Народната банка на Југославија. Имајќи предвид дека некои од тие одликувања имаат голема материјална вредност, предложено е семејството да добие копии, а државата, зависно од природата на одликувањето, да им понуди материјален надомест на наследниците, додека оригиналните ордени би се задржале во државна сопственост.

Во 1982 година на Народната банка на Југославија ѝ било наложено со ангажирање на експерти да оцени кои предмети имаат посебна уметничка или историска вредност по повод предавање на музејските институции на СФРЈ. Тоа што е интересно е тоа што Претседателството на СФРЈ одлучило некои предмети да се продадат на аукција. Поточно, наложиле да се утврди кои предмети може да се продадат на аукција, а кои може да се вклучат во златните резерви на Народната банка на Југославија. Оттука е сосема можно голем број скапоцености на Јосип Броз и семејството Караѓорѓевиќ во меѓувреме да исчезнал.

На Народната банка на Југославија ѝ биле предадени

1.злато во вкупна тежина од 29,336 килограми
2.златници, вкупно 2 663 парчиња
3.предмети од злато, брилијанти и дијаманти што припаѓале на семејството Караѓорѓевиќ, вкупно 149
4.предмети од злато и други скапоцени метали кои по војната биле земени од трезорот на Народната банка на Југославија, запленети или набавени, вкупно 251
5.пари со поголема вредност, вкупно 1 271
6.одликувања на семејството Караѓорѓевиќ, 13 парчиња
7.садови од сребро и позлатени садови, 18 комплети
8.останати предмети со помала вредност (манжетни,кутии за цигари,медали, приврзоци,значки и друго), вкупно 83
9.девизи во готово: 26 219 американски долари, 36 000 германски марки и 2 200 дански круни

Паричните средства во готово што му припаѓале на Тито, а кои се најдени во Меморијалниот центар, во износ од 2 149 589 динари биле ставени на штедна книшка така што заедно со средствата што веќе се наоѓале на книшката изнесуваат вкупно 4 933 715 динари. Девизните средства на девизната сметка изнесуваат 5 700 германски марки.

- Реклама -