Правилото го осмисли британскиот фризер Џон Фред, од компанијата Color Wow. Тој тврди дека неговата мера игра основна улога во тоа дали на одредена глава подобро стои кратка или долга коса.
Тестот е едноставен и дефинитивно вреди да се испроба. Не ви требаат консултации со пријатели или професионалци, не ви требаат компјутерски програми што ќе ве проектираат со ваква или онаква фризура. Сé што ви треба се линијар и молив.
Линијарот положете го паралелно со вратот, под увото, а под брадата, во хоризонтала, поставете го моливот. Ако растојанието од долниот крај на увото до дното на брадата е поголемо од 5.7 сантиметри, повеќе ви прилега долга коса. Ако растојанието е помало од 5.7 сантиметри, подобро ви стои кратка коса.
„Сé се должи на аглите“ е заклучокот на Џон Фред откако детално ги анализирал лицата на славните жени, од кои многумина се токму негови клиентки. Соодносот од 5.7 сантиметри најдобро одредува дали некоја фризура ќе одговара на обликот на лицето, а истото можете да го проверите на Хали Бери, Одри Хепбурн, Ким Кардашијан и Сара Џесика Паркер, на пример. Првите две припаѓаат во „клубот“ на лица со растојание помало од 5.7 сантиметри, а и двете ги знаете со кратки фризури. Кардашијан и Паркер пак, се дел од другиот табор, затоа и секогаш имаат долга коса.