„Бугарското вето против Северна Македонија беше обична глупост“, изјави политикологот Христо Панчугов на ТВ „Бугарија во етер“. Ако требало да се стави вето, тоа требало да се направи порано, коментира тој за програмата „Брисел 1“ на дебата за надворешната политика на Бугарија, јавува дописникот на МИА од Софија.
Зинаида Златанова, поранешен вицепремиер за европски фондови (2013-2014), коментирала дека за една држава нема ништо полошо од недоследност во нејзината надворешна политика. Според неа, тоа автоматски ја намалува довербата и почитта кон државата.
„Во времето кога Бугарија наметна вето на Северна Македонија, ништо не се случи во билатералните односи“, рече Златанова. Во овие две години, смета таа, никој во Софија не работел на надминување на проблемите. Ветото, според неа, е губење време.
Според Панчугов, бугарското вето било во функција на внатрешно-политичките односи во Бугарија и тогашните избори во земјата.
„Ветото беше во функција на една конкретна партија да влезе во следниот бугарски парламент и ништо повеќе“, изјави тој.
Ова, според него, не било продолжување на надворешната политика и не постигнало ништо, дури ни за интересите на бугарското малцинство во земјава.
„Европската политика за заштита на човековите права е многу посилна од бугарското вето“, заклучи категорично Панчугов.
Извор: МИА