Остри реакции од Алијанса за Албанците и партискиот лидер Зијадин Села по повод казната затвор од 7 години што му беше изречена на Абдулфета Алими – човекот кој му го спаси животот на Села. Алими е меѓу 16-те кои беа прогласени за виновни за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во судењето за упадот во Собранието на „Крвавиот четврток“ на 27 април 2017-та година.
Од Алијансата за Албанците реагираат:
„Иако во демократска земја не се коментираат одлуките на судот и пресудите, сепак, Северна Македонија е многу далеку од демократијата и правдата. Казнувањето со 7 години затвор на Абдулфета Алими кој е познат како единствениот човек кој го спаси животот на лидерот на АА – Зиадин Села ноќта на 27 април, за нас како АА претставува тенденција за да се амортизираат другите казни на организираната група, однапред проектирајќи и реализирајќи удар врз Собранието врз пратениците и пред се физичката ликвидација на Зиадин Села.
Нелогично е и бесмислено Фета Алими да се товари за предметот Тероризам и истиот да се поистовети со групата која тепаше пратеници во Собранието на РСМ.
Фета Алими во овој судски процес се третира како жртва со кој што се обидува да се зачува етничкиот ‘баланс’ кон останатите казнети лица и кои јавноста ги знае како нарачатели и извршители на настаните од 27-ми април.
Фета Алими денес требаше да биде награден од страна на државата, кој успеа да спаси човечки живот, и тоа на пратеник и лидер на народот како што е Зиадин Села ставајќи го во опасност сопствениот живот, а не да биде осуден на 7 години затвор и да се изедначи со оние кои што ги видовме на телевизиските екрани, како ги удираа со тврди предмети пратениците на кобната вечер од 27-ми април.
Изразуваме длабоко жалење за политичкото и правното казнување со 7 години затвор на Абдулфета Алими и предупредуваме дека ќе ги искористиме сите правни инстанции за да ја докажеме неговата невиност“, се вели во реакцијата.
Уште поголема разочараност изрази Зијадин Села во реакцијата на својот Фејсбук профил:
„На една седенка со Фета, тој ми рече: ‘Не се вознемирувам многу заради казната, колку што се вознемирувам заради фактот што ме ставаат во иста вреќа со криминалците…’
Пријателу мој, твоето злосторство се состои само во тоа што моите деца сè уште ја имаат можноста да ме викаат татко, и јас да можам да им одговорам. Ти ‘згреши’ што ми го зачува животот. Ти си во затвор бидејќи јас сум жив, и затоа нема зошто да бидеш како тие што сакаа да ме видат мртов. Како тие што денес се живи, но со потонати во криминал. Да, да, тие се слободни, дури и на владеачки позиции. Доколку некој преку твојата казна сака да ја прикаже симболиката дека минатиот режим имаше две компоненти, и Албанци и Македонци, ти не си таа симболика. Ти си симболика на обичниот Албанец што го сака животот, што ја сака слободата. Ти си симболика за Албанец врз којшто се уште се монтираат политички процеси. Ти си симболика на политизираното судство и со двојни стандарди. Симболиката на минатиот режим не може да биде Фета, туку е Али со Никола. Ти и твојата казна денеска сте симболиката на сегашниот режим на Али и Зоран.
П.С. Тежок е денешниот ден, Фета! Подобро никогаш да не ги отворев очите вечерта на 27 април, отколку да го живеам овој срам. Да, ти си виновен. Виновен си што денеска јас се чувствувам виновен што немам сила да ти помогнам. Виновен си што сум жив“, пишува Села на Фејсбук.