Американскиот фотограф Брус Гилден имал прилика да помине 16 дена меѓу „обичните“ Руси во еден мал провинциски руски град, на 70 километри од Екатеринбург. Според него, областа е населена од поранешни криминалци, наркозависници и „изгубени луѓе“.
Намерата на Гилден била да го документира секојдневието на локалните гангстери. Најголем дел од времето поминал со 32-годишниот Сергеј, локално викан „Кабан“. Зборуваме за криминалец тазе излезен од затвор. А како го примиле во друштво? Лесно. Им купувал водка и храна.
„Сите тие живеат во темни селски заедници кои се во распаѓање. Основата на нивниот живот – водка и насилство“, вели Брус.
Сергеј, конкретно, сега се опишува како „не 100% криминалец“. Не сака да оди назад во затвор, па затоа се бави со „бизнис“ – им удира рекет на камиони во поминување или мигрантите кои транспортираат дрога.
Ако ништо друго, има жени. Бројот на жени во регионот е речиси дупло поголем од бројот на мажи, па тоа ги прави пожелни дури и најдолните криминалци, раскажува Брус.
Сепак, фотографот вели дека има почит за овие луѓе. Тешко е да се преживее во таква околина, а тоа е доволно за да ја заслужат.