1986-та година романскиот диктатор Чаушеску ja избра малата заедница – Васуљ за нова престолнина на округот, бидејќи Барлад, најголемиот град во регионот, беше родно место на неговиот поранешен ривал Георги Деж. Чаушеску не можеше да си допушти да му го овозможи тоа задоволство на Деж. Од чалам, ја избра малата заедница Васуљ и за само пет години ја претвори во напредна регионална престолнина. Голем број селани таму се однесени преку ноќ и вселени во стамбени блокови со се нивните кокошки кои живееле на балконите. Комбинацијата на комунизмот и инаетот на Чаушеску во Васуљ ги донесе архитектурата, индустријата, образовниот систем, водата и греењето.
Проектот „Комунистички Васуљ“ се занимава со реставрација на старите архивски фотографии и снимките од плодните денови на градот. Проектот го води Андреј Бешлију, уметнички директор, кој е роден и израснат во Васуљ.
Андреј за славните комунистички денови на Васуљ…
Зошто го започна овој проект?
Андреј Бешлија: Јас растев во Васуљ во 70-тите и 80-тите години кога од запуштеното трговско место од 17.000 жители, Васуљ се претвори во престолнина со 90.000 жители. Моите родители работеа во институт за дизајн и свесен сум колку се работеше напорно од ова место да се направи убав и фуккционален град. Но, исто така видов како целата работа е уништена во 90-те од страна на локалните власти.
Каква беше атмосферата во Васуљ тие први денови?
Во текот на 70-тите беше популарен град. Многу луѓе од Букурешт и од другите поголеми градови беа принудени да се преселат во градови како што е Васуљ, што за нив беше мачно, но помогна во растот на регионот. Италијанските и француските туристи, кои се допишуваа со жени од Васуљ доаѓаа во посета и се сместуваа во градот. Градот произведуваше облека за Италија и мебел за Икеа. Моите родители правеа домашни журки за локланите архитекти и уметници. Сите носеа Levis, а дома имаше импровизиран фото-студио. Ни доаѓаа странски списанија. Претпоставувам дека бев во привилегирана позиција.
Како се промени градот од тогаш?
Во текот на 90-тите, одеднаш снема пари за интелектуалците сместени во градот. Економијата, културата и развојот во Васуљ беа вештачки. За овие работи потребни се неколку генерации, да пуштат корења, тоа не се случува за само 20 години форсирано урбано живеење. Никој веќе не инвестираше па населението се преполови, а оние што останаа станаа ефтина работна сила за западните земји. Градоначалникот се обидува да го врати некогашниот сјај на градот. Се надевам дека и нашиот проект може да помогне малку на тој план.