Според БГНЕС, македонскиот професор во последната деценија употребува различни дефиниции за Бугарија, нарекувајќи ја од „голем брат“ до „окупатор“
Професорот Жидас Даскаловски, советникот за надворешна политика на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, е бугарски државјанин повеќе од 20 години, објави денеска Бугарската новинска агенција БГНЕС.
Како што пишува бугарската агенција, Даскаловски го добил бугарското државјанство уште во 2003 година по основ на семејно бугарско потекло, а пасошот го обновил пред две години, поточно во 2022 година.
Според БГНЕС, македонскиот професор во последната деценија употребува различни дефиниции за Бугарија, нарекувајќи ја од „голем брат“ до „окупатор“.
„Пред потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, Даскаловски зборуваше за бугарски ‘нож во грбот на Македонија‘, закани со вето итн. Сега ја брани идејата на премиерот Христијан Мицкоски за таканаречените уставни измени со одложено дејство“,
пишува агенцијата.
БГНЕС цитира и неколку изјави на Даскаловски:
„Нема ништо лошо во Уставот да има Бугари, Црногорци, Хрвати, но да не го направиме тоа така како што го направивме со Грција, кога владата на Зоран Заев потпиша договор што требаше да ги отвори вратите, но тоа не се случи. По оваа логика, да бидеме претпазливи. Влезот во ЕУ направете го со т.н. одложено дејство“.
„За политичарите од Софија што повторуваат дека имало говор на омраза и дека мора да престане, а за блудниците од СДСМ: Признајте ги Македонците, јазикот и името – и овде и таму, па нема да има повеќе тензија. Почитта и братското однесување ќе донесат братски односи“.
напиша Даскаловски во 2023 година.
Потоа, вели и дека Даскаловски ја критикуваше и политиката на претходниот премиер Димитар Ковачевски во однос на Бугарија и Брисел.
„Владата во Скопје е во ќор-сокак и се обидува со помош на западниот фактор да влијае на опозицискиот блок на ВМРО-ДПМНЕ, кој се противи на уставните измени без гаранции дека нема да има носи услови од Бугарија за влез во ЕУ“,
ја пренесува БГНЕС изјавата на Даскаловски.
Ја поддржува македонската теза за „бугарски окупатор“ во Македонија за време на Втората светска војна.
„Иако Хитлеровата Германија и Бугарија ги ослободија од српскиот јарем, суровиот репресивен режим, Македонците сакаат слобода и своја влада, а кога не ја добиваат, се креваат против окупаторот“,
изјави тој пред две години, пренесува бугарскиот медиум.
Професорот тврди дека во Бугарија има институционализирана дискриминација на самоидентификуваните Македонци.
Претседателката Сиљановска-Давкова во јули годинава рече дека иако може да ангажира четири, има само еден советник за надворешна политика, а тоа е професорот Жидас Даскаловски.
БГНЕС пишува и дека бугарското државјанство се добива врз основа на потврда на бугарско потекло, а дека секој кандидат мора да потпише изјава дека има бугарска национална самосвест.
„Голем број членови на поранешните и сегашни владејачки партии се бугарски државјани. Така, македонската министерка за енергетика Сања Божиновска беше обвинета дека го крие бугарското државјанство“,
пишува БГНЕС.
„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска.
На прашањето на „360 степени“, дали поседувала или дали во моментот поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска во јуни негираше дека поседува бугарско државјанство.