Жените што престанаа да се бричат

Двополовоста денес не е така строго дефинирана како порано, пишуваат добар дел од американските портали, меѓу нив и Viral Thread. Велат дека „денес луѓето почнуваат да сфаќаат дека полот е спектар и дека нема потреба да се живее согласно застарените очекувања кои беа застапени низ минатото“…

И како што сé повеќе се релативизира полот, така сé повеќе дами се решаваат да не ги бричат брадите.

Синдромот на полицистични јајници (Polycystic ovary syndrome) е хормонски дисбаланс кој афектира меѓу 5 и 10% од жените и младите девојки. Има низа споредни ефекти, меѓу кои нередовна менструација, накачување килограми, акни, а кај некои и претерана влакнетост на лицето и телото.

Премотано до 2017-та и 2018-та, жените што страдаат од тој последниот аспект, сé почесто се осмелуваат да престанат да се борат со природата, и наместо да ја бричат, да си рокаат брада.

 

„Дефинитивно се чувствувам женствено откако пуштив брада, и тоа има многу малку врска со мојот физички изглед. Сé се врти околу мојот став да си ја дадам слободата да бидам токму таа што сум, и поради тоа се чувствувам женствено, се чувствувам секси“, вели Роуз Гејл, една од жените што страдаат од синдром на полицистични јајници.

Интересно во случајот на Гејл, освен брадата, е реакцијата на интернет. Интернет, местото полно со тролови кои ја користат секоја прилика да те исмеат, сега е под власт на оние од другата крајност. Гејл наишла на изненадувачки позитивна реакција на социјалните мрежи.

„Некои стварно малку се занесуваат; ми пуштаат понуди за брак, ми нудат авионски билети за да одам да ги посетам, ми праќаат безобразни слики, и сé тоа“, вели Гејл.

* * *

Жените како Роуз, на кои им расте брада, сфаќаат дека се различни уште во пубертетот, кој и без тоа е стресно време од созревањето. За една друга како Роуз, Харнам Каур, тоа било многу тешко за справување.

Прв пат забележала дека ѝ растат многу повеќе влакна на возраст од 11. Во школо ја зезале и малтретирале, а истото се случувало и подоцна, на работа. Била на работ да си го одземе животот.

„Бев на чекор да ставам крај на сето тоа. Со цела душа се борев со гласот во главата кој ми зборуваше ‘направи го!’, и еден ден реков ‘е нема, е*ено нема!’. Се разбудив и сфатив дека ‘брадеста жена’ воопшто не е навреда…

Брадестите жени се храбри, силни, страстни, отпорни, спремни да простат, сочувствителни, моќни, прекрасни, еманципирани, добродушни, искрени, секси… Зошто не би сакала да бидам таква?“, прашува Каур.

Политички коректниот интернет со две раце во воздух воодушевено извикува: „Така е!“

- Реклама -