Жената што упорно се вози шверц во авион

Минатата недела на аеродромот во Чикаго е уапсена Мерилин Хартман, само пар недели откако е фатена додека се шверцувала на лет за Лондон.

Хартман (66) има долга историја на застанувања од полицијата при обидите да се шмугне во авиони без карта. Во својата натрапничка кариера, „сериската слепа патничка“ – како што ја нарекуваат, има искористено „бесплатни“ летови до Лос Анџелес, Џексонвил на Флорида, и порано месецов – до Лондон, поради што неодамна доби забрана за пристап до нејзините два најблиски аеродрома: чикашкиот Мидвеј и О’Хара Интернешнал.

Но изгледа Хартман едноставно не може да престане. Уапсена е претходната недела во неделата на терминалот 3 на О’Хара, додека се обидувала да се шмугне на уште еден лет, само пар денови откако ја добила забраната за пристап до аеродромите. Заврши во притвор без можност за кауција, а е обвинета за упад на туѓ имот и прекршување на условната слобода.

Според Chicago Tribune, Хартман во 2015-та тврдела дека без карта се качила барем на осум летови. Таа година е уапсена на аеродромот LAX во Лос Анџелес, откако наводно се провлекла покрај службеникот за сообраќајно обезбедување во Сан Хозе, Калифорнија, и се качила на летот Southwest.

Според обвинителот, претходно ѝ успеало и незабележана да помине крај службеник на Бритиш Ервејс, цариниците и пограничната полиција, и да се качи на лет за Лондон, бесплатно користејќи слободно место кое инаку би ја чинело 2.400 долари.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Во нејзина одбрана, Хартман вели: „Јас сум постара бела госпоѓа. Никој не ме запира“.

„Под итно ѝ се потребни услуги и поддршка од службите за ментално здравје“, вели Кара Смит, советничка на шерифската канцеларија во округот Кук.

Според New York Times, 66-годишната жена има долга историја со ментални проблеми, а има престојувано и во засолниште за бездомници и институции за ментално здравје.

Од своја страна, од Агенцијата за безбедност на сообраќајот велат дека „тесно соработуваат“ со „силите на законот и партнерите меѓу авиопревозниците“ за да откријат како точно Хартман успева одново и одново да се прошверцува во авион и покрај сите агенти и службеници.

Тоа е и главното прашање во целава работа. На толку строго обезбедување, на толку персонал и толку фрлени пари, на толку тормозење на патниците, како теткава да се качи незабележана во авион, и тоа во толку многу наврати? И ако може таа, зар не може некој со сериозен план да ја загрози безбедноста?

- Реклама -