Жената што роди 69 деца, и дали е воопшто можно

Според податоците на локалниот манастир, кои потоа се испраќани до властите во Москва, првата сопруга на селанецот Фјодор Васиљев наводно е жената со најмногу родени деца во историјата (името не ѝ е наведено).

Меѓу 1725 и 1765 година, Фјодоровица родила дури 16 пара близнаци, седум тројки и четири четворки. Вкупно преживеала 27 породувања, а родила 69 деца.

Се поставува прашањето дали воопшто постојат ограничувања кога станува збор за тоа колку деца може една жена да роди по природен пат, како и дали ова на Русинката од 18 век е воопшто можно.

Според современата наука, барем во теорија, бројот е поголем отколку што мислиме. Математички гледано, лесно е да се истераат 27 бремености во текот на 40 години, особено ако се земе во предвид дека бременоста со тројки и четворки обично трае пократко од 9 месеци. Тоа би значело дека во период од 40 години, г-ѓа Васиљев била бремена дури 18 години. Колку е тоа реално остварливо – е сосема друга приказна.

„Жените ја добиваат првата менструација на 15 години (баталете како е денес, збориме за 18-ти век), а овулираат сé додека имаат доволна залиха од јајце-клетки, кои обично ги снемува околу 51-вата година од животот. Опаѓањето на плодноста се случува и пред 50-тите, па шансата за зачнување по циклус кај 45-годишни жени е само 1% месечно“, тврди професорката Валери Бејкер од Стенфорд.

Како што жените стареат, така се намалува и квалитетот и квантитетот на јајцеклетките. Така, кога жената се ближи кон перименопаузата, се зголемува можноста за абнормалност на хромозомите, па многу од ваквите бремености завршуваат со спонтан абортус, за кој жените често не се ни свесни дека се случил.

„Многу од жените не затруднуваат по 42 или 44-годишна старост, иако повремено ќе чуете и за трудници во доцните 40-ти. Исто така, колку повеќе бремености ќе истера една жена, толку се помали шансите за ново зачнување, бидејќи повеќекратните породувања ја менуваат женската полова анатомија“.

А ако Фјодоровица била поборник за доење, а сигурно била – со оглед дека зборуваме за живот на село во 18-ти век, нејзиното тело не овулирало како и обично. Оваа биолошка контрацепција (иако не е потполно безбедна) дополнително би ѝ ги отежнала сите наредни зачнувања која наводно го доживеала раѓајќи ги своите потомци. Затоа, ако е вистина, Фјодор и неговата сопруга имале екстремна среќа секој пат да им се случи зачнување и бременост, дури и кога биле 50-годишни.

Гледано од еволутивна смисла, биолошкиот часовник има многу смисла, со оглед дека бременоста и породувањето се тешка задача која со годините на жените им паѓа уште потешко. „Природата тежи да воведе ограничувања. Бременоста е најтешкото физичко искуство низ кое женското тело може да помине“, вели Бејкер.

Токму самата тежина на породувањето како процес предизвикува најмногу сомнеж околу наводната 69-детна судбина на госпоѓа Васиљев, особено што се случила пред 300 години во село во Русија.

Дури и во најразвиените земји/народи, каде царскиот рез е вообичаена опција, смртноста при породувањата не е исчезната. Во Британија дури и денес, на секои 100.000 породувања умираат 8 жени поради проблеми со бременоста. Во меѓувреме, во Сиера Леоне – една од најсиромашните земји во светот, на 100.000 породувања умираат по 1.100 жени. Така да, шансата дека Фјодоровица преживеала 27 породувања е многу мала.

„Во минатот секоја бременост претставувала ризик по животот на мајката, а не треба да се занемари ни зголемената шанса за развој на смртоносни компликации (како крварења) кај повеќекратните бремености“.

… Што ја прави веројатноста за толкав број повеќекратни бремености речиси непостоечка.

„Да родела само 16 пара близнаци, јас пак ќе бев шокиран“, вели Џонатан Тили од универзитетот Нортистерн, кој се бави со проучување на ооцитите и матичните клетки и нивното користење при неплодност и за женското здравје.

Уште поневеројатно е што според приказната за Васиљеви, дури 67 од 69-те деца го преживеале раното детство; во 18-ти век смртноста меѓу децата била голема дури и кога станувало збор за само едно дете, и тоа родено потполно здраво и во рок.

„Дури и денес да родите четворка четири пати, не сум сигурен дека сите деца би преживеале“.

И нормално, над сите овие експертски погоре, се наметнува и човечкото прашање: Која е таа жена што би се согласила да помине низ сето тоа? „Помислете само колку е стресно и напорно“, потсетува Бејкер.

 

- Реклама -