Вообичаено е на 911 – американскиот телефонски број за итни служби, да добиваат повици што не се ни близу до итна ситуација. Од луѓе што не се задоволни со сендвичот што го купиле, па до деца на кои им е потребна помош со домашната задача. Сепак, следнава ситуација не спаѓа во таквите глупости, иако делува баш како таква.
Имено, операторот добил повик од непозната жена која побарала да порача пица. Се разбира, неговата прва помисла била „Ех, уште еден од оние повици…“, но транскриптот од разговорот покажува дека се работело за нешто сосема друго:
– Добивте 911, каде се наоѓате?
– Улица Мејн, 123.
– Во ред, што се случува таму?
– Сакам да порачам пица.
– Госпоѓо, добивте 911.
– Да, да. Една фамилијарна, нека биде пола со печурки, а пола со феферонки.
– Извинете госпоѓо, ама свесни сте дека свртевте на 911, така?
– Да, за колку време ќе биде готова?
– Во ред, госпоѓо. Дали е сé во ред таму? Дали сте во опасност?
– Да, да, сум нарачувала и порано.
– …И не можете да одговорите, затоа што има некој во собата со вас?
– Да, точно. Колку време ќе ви биде потребно да ја доставите?
– Еден полицаец е близу вашата куќа. Имате ли оружје во куќата?
– Не.
– Можете ли да останете на линија?
– Не можам. Се гледаме наскоро, фала.
Очигледно, операторот на време ја сфатил сериозноста на ситуацијата.
„Штом ја спуштив слушалката, ја проверив историјата на повици од таа адреса и сфатив дека и порано имало јавувања заради семејно насилство“.
За кратко, испратениот полицаец стигнал на наведената адреса. Мажот го затекнал видно пијан, а жената претепана. Таа му објаснила дека нејзиниот партнер ја тепал веќе некое време.
„Мислам дека одлично се снајде и дека искористи одличен трик. Ова е повик што нема да го заборавам“, рече операторот за Independent.