Со почетокот на бегалската криза насекаде се појавија емотивни фотографии од сириски деца кои беспомошно умираат, како последица на војната. Една од нив, неодамна особено го привлече вниманието во јавноста.
Станува збор за фотографијата на мртвото тело на 3-годишното дете Ајлан Курди, исфрлено на плажа на Бодрум.
Момчето се удави додека неговото семејство, бегајќи од војната во Сирија, се обидувало да стигне до бреговите на Европа.
Нилуфер Демир е фоторепортерката која го овековечи овој тажен момент. Таа работи во област во градот Бодрум, за потребите на приватната новинска агенција Доган.
Трагичните кадри снимени од фотообјективот на Нилуфер, го обиколија светот и само за миг станаа најавтентичниот доказ за драмата на илјадниците бегалци со кои се соочи и нашата земја.
„Кога го видов безживотното мало тело, додека лежи на плажа во Бодрум, почувствував како крвта ми замрзнува во вените. Започнав да плачам, но успеав да го притиснам копчето на фотоапаратот и почнав да фотографирам, веројатно за да го надминам ужасот кој го доживував “, раскажува Нилуфер.
На 2 септември фоторепортерката била дежурна во редакцијата, кога во мугрите добила порака дека група пакистански мигранти се обидуваат да поминат кон Грција. Со уште двајца колеги тргнале кон местото.
„Додека ги фотографирав Пакистанците, забележав дека на плажата има трупови. Отидов назад и кога се приближив, видов тело на момченце – 3-годишното сиријче, чие што име го дознав потоа. 100 метри понатаму лежеше поголемото братче Галип, а натаму и мајката. Потоа се приближив. На нив немаше ниту појас за спасување, ниту нешто што би им помогнало да се задржат над водата. Се чувствував ужасно, но немаше што друго да се направи, не ми преостана ништо друго освен да ја исполнам службената должност и да ја споделам трагедијата со светот “, го продолжува своето сведоштво младата жена.
Според неа особено во последните два-три месеци Бодрум стана појдовна точка за премин на мигрантите кон Европа и тоа создаде голем проблем не само за Турција, туку за целиот свет.
„Понекогаш е многу заморно. Понекогаш, како во случајот со сириското семејство, не успеваш да ги задржиш чувствата, особено кога си жена, но ние сме должни да ја исполнуваме нашата новинарска задача. Преку објективот сакав да им покажам на повеќе луѓе дека не треба да молчат пред крикот на тоа дете и пред драмата на илјадниците бегалци. Посакувам да верувам дека сликата ќе стане повод за промена на некои работи. Денот 2 септември и фотографиите нема да ги заборавам никогаш”, додаде Нилуфер.
„Од една страна, сакам да не ги направев овие слики. Претпочитам да го фотографирав Ајлан додека игра на плажа, но од друга страна сум среќна што конечно на светот почна да му станува грижа за удавените деца. Се надевам дека моите фотографии ќе придонесат за промена во начинот на кој ја гледаме миграцијата во Европа. Се надевам дека повеќе нема да има луѓе кои умираат додека бегаат од војната “, вели фотографката.
По повод критиките околу објавувањето на фотографиите, таа вели: Ако сликата во Европа и односот кон бегалците се менуваат, значи би требало да ја објавите. Ја фотографирав драмата на бегалците многу пати и ниту еднаш немаше таков ефект врз јавната свест. Никогаш повеќе не сакам да направам вакви слики “, признава фотографката.