Жена што си има скршено врат со кивање, сега си скрши врат со смеење

Едно сабајле во 2011-та, Моник Џефри од Rose Bay (Австралија) си лежела во кревет и проверувала и-мејлови. Одеднаш кивнала и главата во истиот момент ѝ виснала нанапред, кршејќи ги првиот и вториот пршлен во вратот.

Докторите тоа го нарекоа „чудовишна несреќа“, истакнувајќи дека шансите се екстремно мали. Оттаму, шансите два пати да ти се случи вакво нешто треба да се астрономски мали.

А сепак, минатиот месец, Моник уште еднаш си го скрши вратот, овојпат додека се смеела со колегите на работа.

„Му пратив порака на Сем (сопругот) во која пишуваше само ‘помош!’. Тој веднаш ми се јави, а јас одговорив на спикерфонот, бидејќи не можев да го доближам телефонот до увото“, се сеќава Моник на бизарниот настан од пред 5 години. „Дојде дома и веднаш викна Брза помош. Беше многу страшно и многу чудно чувство. Едно обично кивање, а толку многу болка“.

Носела протеза за врат цели 14 недели, до целосно закрепнување. Сé до пред 3 недели, сé си било океј. А тогаш, пак незамисливото:

„Бев на работа и додуша вратот малку ми беше вкочанет. Ништо сериозно. Всушност баш се смеевме со колегите бидејќи се шегуваа дека можеби повторно сум го повредила. Смеејќи се, ја зафрлив главата наназад и се случи повторно“.

Вториов пат не болело толку многу, ама повредата била доволно лоша за Моник да мора да носи „вратен прстен“. Тоа е метална направа која се заштрафува на черепот на главата на пациентот, и ги спречува сите движења на главата. Моник е мајка на две деца, но вели дека ова е многу полошо од породување. Може да легне, но мора да спие седната во специјален кревет. Протезата целосно ѝ ја држи главата и вратот, а мускулите атрофираат.

Ќе мора да ја носи протезата шест недели, а потоа ја чекаат месеци и месеци физиотерапија и рехабилитација на мускулите. Најстрашното е што бидејќи ова ѝ се случува втор пат во пет години, ризикот да ѝ се случи и по трет пат сега е многу голем. Ако ни протезата не помогне, докторите ќе го решаваат тоа со операција, спојувајќи ги првиот и вториот вратен пршлен за вратот да не може веќе да колабира.

„Не е страшно, ќе бидам океј, ама малку е за никаде. Сепак, мораш да се смееш на вакво нешто“, вели оптимистичната Моник.

Очекувано, нејзините повреди се одразуваат и врз семејството, секако и финансиски. И Моник и сопругот обично работат, но бидејќи е сега спречена и поминуваат низ финансиски тешкотии, нејзината сестра отвори кампања за фундирање на GoFundMe за помош на семејството. Се разбира, со ваква бизарна судбина, воопшто не беше тешко да се достигне таргетот од 8.000 долари.

- Реклама -