Колин Кели Александер тогаш имала 38 години, била тазе мажена, и неодамна забременила. Сепак, еден кобен ден во таа 2011 година, била прегазена од товарен камион. Нејзиниот медицински картон покажува дека уште од 2007 година била подложена на операција на мозокот, и со години се борела со лупус. Но ништо од тоа не можело да ја подготви за агоничната борба која почнала во тоа свежо попладне во Њу Хејвен во Конектикет, додека се враќала дома од работа.
Во несреќата со камионот, Колин – поранешна триатлонка, изгубила толку многу крв што официјално има умрено двапати – еднаш на 20 минути, вториот пат на 10 минути, а потоа „и уште неколку пати“ во периодот од 48 часа по несреќата.
Кога докторите конечно успеале да ја стабилизираат, ја ставиле во вештачка кома.
Иако тоа никој не го очекувал, Колин денес е целосно опоравена и повторно ужива во трчањето. Во меѓувреме напиша и книга за своето искуство, за кое на моменти сé уште ѝ е тешко да зборува. Најмногу ја погодува мислата дека никогаш нема да може да има деца, како и сеќавањето на моментите додека била во кома.
Да, добро прочитавте; Колин се сеќава на дел од моментите додека била во вештачки (т.е. медицински) индуцирана кома.
Во дел од нејзината книга пишува вака:
„Луѓето имаат погрешна претстава за тоа што значи медицински предизвикана кома. Мислат дека тоа значи дека сте целосно несвесни, не можете да гледате, да слушате, ниту да реагирате на било каков начин. Ама всушност не е така.
Неколку недели по траумата, се чувствував како да бев заробена во кошмар, заробена во сопственото тело. Понекогаш бев без свест, но други пати бев во некоја состојба која не можам со ништо да ја споредам – тоа беше мојата ‘кома’.
Не можев да се сосредоточам на никого и ништо, но слушав звукови и чувствував некои нешта. Ми беше така жешко што цело време се чувствував како телото да ми гори. Сé што можев да мислам беше тоа колку сакам чаша вода. Почнав да имам халуцинации дека лежам во базен.
Повремено ќе чуев познат глас, и тоа ми носеше извесна доза утеха.
Кога и Шон (сопругот) да влезеше во собата, ќе се најавеше: ‘Хеј, душо, овде сум’. Тоа го знам само затоа што тој ми го раскажа, не затоа што навистина се сеќавам.
Ми раскажуваа дека сум ги отварала очите и сум гледала наоколу, но како да сум гледала низ него. Да, можете да ги отворите очите дури и кога сте во вештачка кома.
Моите родители исто така разговарале со мене кога доаѓале во посета, но јас и тогаш само сум ја набљудувала собата. Не сум можела да сфатам кои се луѓето во истата просторија со мене, но сум била свесна дека ми се познати.
Нивото на страв ми варирало во зависност од тоа кој бил во собата. Знам само дека уживав кога некој ме држеше за рака, ме галеше по главата или ми ја чешлаше косата. Тоа беше единствениот добар дел.
Соновите, меѓутоа, беа грозни. Често имав кошмари дека некој ме силува или содомизира. Немав појма што навистина се случувало во собата што би ги предизвикало таквите ужасни слики, но сега знам дека ми се јавувале кога медицинскиот персонал ми ги менувал завоите. Делови од телото ми беа ужасно распарчени, па чистењето на раните и менувањето на преврските траело со часови. Било видливо дека сум многу вознемирена, и иако имав цевка за дишење зариена во грлото, крвниот притисок нагло ми се зголемувал, а сестрите можеле да видат и гримаси на моето лице.
Е така изгледа вештачки предизвикана кома. Ништо не може во целост да ви ја смири болката, туку само ќе ве надрогираат доволно за да не умрете од шок“.