Volvo Trucks претстави уникатен камион по име The Iron Knight (железниот витез), кој има за цел да го подобри рекордот за брзина кај тешкашите.
Тешката, но и брза машина е управувана од модифициран мотор D13 со интеркулер со водено ладење и четири турбополначи. Така моќноста на возило изнесува 2.400 КС, а вртежниот момент достигнува 6.000 Nm. Електричните и електронските системи се со намалени димензии, а софтверот е репрограмиран. Целта на софтверската промена е оптималната работа како на моторот, така и на трансмисијата I-Shift Dual Clutch – слична со онаа на моделите Volvo FH.
Кабината на специјалниот камион е изработена од фиберглас и е дизајнирана така што да има минимално воздушен отпор. Посебно монтирани се странични спојлери и проводници за воздух, кои пак дозволуваат поголем проток на ладен воздух во моторот. Според Никлас Јоберг, инженер на Volvo Trucks, I-Shift Dual Clutch е најдобра можна трансмисија за подобрување на светскиот рекорд за брзина, бидејќи таа го поддржува вртежниот момент на погонските тркала за време на менувањето на брзините. На овој начин The Iron Knight забрзува, без да губи важни стотинки за време на менувањето на брзините, појаснува Јоберг.
Пред официјално да го нападне рекордот, Volvo ќе одржи неколку обиди за спринт на 500 и 1000 метри. Деталите ќе бидат дистрибуирани во текот на утрешниот ден.