Желбата на Илон Маск: На гробот да ми пишете „Измисли коли што прдат“

Еден од најсилните аспекти на Tesla е што компанијата може безжично да прави софтверски апдејти на своите електрични возила. Од една страна, тоа им овозможува постојано да го подобруваат софтверот и целокупниот систем на возилата. Од друга страна, кога имате извршен директор како Илон Маск, тоа им овозможува и да имплементираат easter eggs по желба (easter egg – скриена и/ли неочекувана опција во компјутерски софтвер, вклучена како шега или бонус).

Па така, минатата недела Tesla направи апдејт со кој им овозможи на колите „да прдат“. Опцијата соодветно е наречена Emissions Testing Mode („тест на емисии“). Понудени се шест различни типови на прдежи, сите именувани како референца до другите проекти/компании на Илон Маск: Not a Fart, Short Shorts Ripper, Falcon Heavy, Ludicrous Fart, Neurastink и Boring. Седмата опција е наречена „I’m so random“ и произволно одбира еден од предложениве секој пат кога ќе активирате „прдеж“. А „прдеж“ можете да активирате на копче на воланот, или пак да одберете автоматско вклучување при активирање на трепкачите. Најинтересното, меѓутоа, е што можете да одберете од кој дел во колата (од еден од звучниците) да доаѓа звукот.

Како што веќе претпоставувате, можностите се (речиси) неограничени. Возењето со новиот апдејт за многу семејства се покажа страшно забавно, особено за најмладите, но и за постарите:


Веројатно задоволен од позитивните реакции и изнудените насмевки, Илон Маск вчера твитна следново:

„Ве молам на гробот пишете ми: ‘Измисли коли што прдат’. Тоа е мојата единствена желба“.

Во продолжение имате преглед на сите прдежи, заедно со уште еден од минатонеделните easter eggs, наречен „Romantic mode“ = на екранот ви се појавува оганче, а Tesla ви пушта романтична музика и ви дува топол воздух кон седиштата. Како што можете да замислите, комбинацијата од Romantic mode, девојка/дечко во кола, паркинг на некое романтично место во градот и Emissions Testing Mode – е гаранција за добра забава.

- Реклама -