Болницата „Жан Митрев“ реагира на начинот на кој Министерството за здравство ги презентира бројките на оздравени и починати пациенти од Ковид-19. Преку допис испратен до Министерството за здравство, министерот Венко Филипче и Институтот за јавно здравје односно директорот Шабан Мемети, болницата бара извинување за вчерашните објавени бројки во однос на смртните случаи настанати како последица на Ковид-19 во болницата „Жан Митрев“.
Ова се случи откако во вчерашното соопштение на Министерството во однос на бројката на оздравени и починати лица, беше соопштено дека вкупно починале 20 лица, со забелешка дека за 24 часа починале шест, а останатите 14 луѓе „се од Жан Митрев Клиника за пациенти кои починале во периодот од 4 до 30 јануари годинава“.
Според приватната болница, „ваквиот начин на известување остава негативен впечаток кај сите читатели и ја искривува реалната слика, наведувајќи ги читателите на заклучок дека само во нашата институција умираат огромен број луѓе“.
„Во случајов, искористена е нашата транспарентност, деталното и ревносно известување за комплетно погрешни цели. За жал реалноста е комплетно различна. Бројките од анализата на смртни случаи покажува нешто сосема друго. Согласно податоците кои се јавно достапни во Институтот за јавно здравје резултатите се следни: Од вкупниот број на сите починати во јануари кој изнесува 328, поточно во наведениот период од 4 до 31 јануари изнесува 286, во Жан Митрев се 14. Пресметано во проценти тоа изнесува 4,9%.
Ако земеме предвид дека од почетокот на пандемијата бројката на вкупно починати е 2893, процентот на вкупно починати во нашата институција е 5%. Клиниката Жан Митрев како институција од самиот почеток на пандемијата секојдневно се бори за животите на најтешките пациентите, па дури и оние од кои сите останати се откажале. Уште од самиот почеток на пандемијата ги ставивме на располагање нашите капацитети за интензивно лекување, а нашите методи на третирање на најтешките облици на болеста се публикувани, цитирани и признати во светски рамки.
Потрагата по сензационални вести и бројки т.е сензационалистичкиот начин на соопштување бројки надвор од контекст не е прв пат, но се надеваме дека е последен. Очекуваме комуникацијата и соработката како со Министерството за здравство, така и со Институтот за јавно здравје да продолжи со несмален интензитет“, велат од „Жан Митрев“.
Оттаму замолуваат транспарентно да се споредат бројките на сите институции и истите да се испратат до медиумите со извинување за настанатата ситуација.