Жал ни е, ама (речиси) џабе сте носеле протези

Се собрале ортодонтите од British Orthodontic Society и направиле истражување. Истражувањево вика дека носењето протези не е доволно за да се одржат забите прави.

Според новите сознанија, штом протезите се остранат, забите почнуваат да се изместуваат и враќаат во позициите во кои биле и пред носењето на протези. Единствен начин да се одржат прави е по отстранувањето на протезата да се носи фиксатор (простете ако тоа не е стручниот израз) т.е. retainer (слика доле), и тоа дооолго време.

Порано се мислеше дека носење на фиксатор во период од една до две години по отстранувањето на протезата е доволно за да ги држи забите прави за цел живот. Но, сега излегува дека фиксаторот мора да се носи секоја вечер „доживотно“ за протезата да има некаков долгорочен ефект, т.е. да не се поништи веќе постигнатиот. До овие сознанија британските ортодонти дошле по испитувањата извршени врз пациенти кои по една деценија од вадењето на протезите се враќале кај своите стоматолози за да им исправат претходно исправени заби. Кај овие пациенти исправените заби се вратиле во позициите во кои биле и пред носењето на протези.

Сајмон Литлвуд – ортодонт од болницата St. Luke во Брадфорд, објаснува: „Порано мислевме дека штом пациентите ќе стигнат до одредена возраст, забите на крајот ќе се стабилизираат. Сега знаеме дека тоа не е точно – има потенцијал забите да продолжат да се движат и во текот на животот. Тоа е феномен што речиси е дел од нормалното стареење“.

Што откако ќе се извадат протезите?

Многу од луѓето погрешно претпоставуваат дека со вадењето на протезите завршува и третманот. Но, на протезите и другите видови ортодонтски третмани треба да се гледа како на долгорочен проект. British Orthodontic Society, конкретно, планира да почне иформативна кампања со која ќе ги поучи постоечките и идните пациенти околу тоа што точно е неопходно за да се сочуваат убави прави заби. Кампањата ќе вклучува и памфлети за младите, во кои ќе бидат охрабрувани редовно да ги посетуваат своите специјалисти дури и откако протезите ќе бидат извадени, со цел мониторинг и одржување на фиксаторот.

Технологијата на протезите и фиксаторите значајно напредна во последниве 10 години. Традиционалните популарни жичани протези кои ги мразевме и ги правеа тинејџерите предмет на исмевање, денес се многу потенки, а и често користат боја на заб, со што значително се намалува нивниот визуелен импакт. Да не зборуваме дека постојат и други корекциони направи (лингвални протези и забни порамнувачи, на пример) кои се уште помалку нападни.

Што се однесува до искуствата на пациентите, го потврдуваат горенапишаното:

„Точно е. Ги имав извадено протезите скоро 20 години, и бидејќи никогаш не ми ставија фиксатор, можам секојдневно на моменти да почувствувам движење во забите, особено наутро. Нема големи промени, но дефинитивно се случуваат, и моите заби не се право поредени како што треба да бидат. Поуката е: барајте да ви стават перманентен фиксатор“.

Но нудат и утеха:

„Имав протези пред околу 25 години, а кога ги извадив ми ставија жица (перманентен фиксатор) зад забите. И денес уште си е на место, не ми прави проблеми, не ни забележувам дека ја имам. Забите си останаа прави“.

- Реклама -