Земјите од Европската унија планираат да ѝ достават на Украина еден милион парчиња артилериска муниција во следните 12 месеци, изјавија денеска дипломати на ЕУ за ДПА.
Како што е предвидено, земјите треба веднаш да испорачаат муниција од нивните постоечки залихи во земјата разурната од војна. Дополнително, земјите-членки на ЕУ треба заеднички да купат повеќе гранати од калибар 155 mm во следните шест месеци, за да ја поддржат Украина на подолг рок.
Се предвидува земјите од ЕУ да бидат делумно рефундирани за нивните испораки на муниција, преку фондот на ЕУ кој во изминатите месеци служеше за финансирање на испораките на оружје за Киев.
Првичните планови предвидуваат дека вкупно две милијарди евра (2.1 милијарда долари) треба да се стават на располагање за муниција за поддршка на Киев.
Договорот доаѓа поради загриженоста дека Украина би можела да остане без важни видови муниција во блиска иднина.
Извор: МИА