Доколку Законот за јазици што завчера попладне беше изгласан во Собранието стане официјален, Македонија влегува во групата на десетина земји во Европа каде што има повеќе од еден службен јазик.
Листата ја предводат Швајцарија (германски, француски, италијански и романш што се зборува во одредени делови од земјата) и Холандија (холандски, фризиски, саксонски и папиаменто, плус англискиот во две општини), каде дури по четири јазици се сметаат за официјални.
Следува тријазичната Белгија: холандски, француски и германски јазик. Билингвистички земји се Белорусија (белоруски и руски), Финска (фински и шведски), Кипар (грчки и турски), Косово (албански и српски), Ирска (ирски и англиски) и Фарски Острови (фарски и дански).
Во најголем дел од другите европски земји, има еден службен јазик на целата територија, но во одредени делови се дозволува правото на малцинствата да зборуваат на свој мајчин јазик доколку нивниот број сочинува повеќе од 10 или 20 проценти од населението. Австрија зборува германски, но словенечкиот и хрватскиот се заштитени со закон. Чешка дозволува двојазичност таму каде што Полјаците се над 10 отсто од населението, слично како и во Унгарија, која што ги признава јазиците на малцинствата.
Во Полска има 20 двојазични општини каде што се зборува и германски, Словачка дозволува унгарски каде што ова малцинство е со повеќе од 20 проценти од вкупниот број жители. Естонија им го признава правото на граѓаните со руско потекло да зборуваат на својот јазик таму каде што се мнозинство. Во Шпанија единствен официјален јазик е шпанскиот, но провинциите имаат право да го користат својот јазик како службен, но само на своја територија: баскиски, каталонски, галициски… Албанија, како и Франција не дозволува во официјалната комуникација да се зборува на никаков друг јазик. (Г.А.)
Преземено од независен.мк