Зеленски: Украина нема да се скрши и ќе го истурка руското зло од нејзината територија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање изјави дека „Украина нема да се скрши, ќе се спротивстави и ќе го истисне руското зло од нејзината територија“.

Тој рече дека „Украина несомнено ќе ѝ одговори на Русија за секоја манифестација на нејзиниот терор“ и дека „терористите нема да ја скршат украинската волја за одбрана и заштита на сопствената земја и сопствената независност со сите расположливи средства“.

Според Зеленски, „на Украина ѝ се потребни резултати секој ден – да ги спречи руските напади, да ги елиминира окупаторите и да оди напред“. Тој посочи дека тоа ја зајакнува украинската држава, го мотивира светот да ѝ помогне и докажува дека „рускиот терор не функционира“.

Прочитајте и:  Француски медиуми: Трамп сака трошоците за обнова на Украина да ги сноси ЕУ

Украинскиот претседател, исто така, ги спомена и им се заблагодари на воениот персонал и единиците кои се истакнаа во борбените операции во текот на изминатата недела.

На крајот од своето обраќање, Зеленски рече дека разговарал со емирот на Катар и му се заблагодарил, меѓу другото, за неговата подготвеност да учествува на следниот состанок за украинската формула за мир, како и за „неговата непоколеблива поддршка за украинскиот територијален интегритет и суверенитет“. Како што рече, двајцата разговарале и за посредување на Катар за ослободување на депортираните и заробени Украинци.

МИА

- Реклама -