Зеленски: Украина ќе се бори против Русија и без САД

Доколку Доналд Трамп дојде на власт во САД и Вашингтон го промени ставот за војната во Украина, Киев ќе продолжи да се бори против Русија без американска поддршка, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ќе биде тешко ако САД ја сменат својата позиција. Ако Конгресот и Белата куќа ја сменат својата политика, ќе кажам, добро, ќе се бориме без вас“, коментираше Зеленски за изгледите во случај Трамп да биде избран за претседател на САД.

Според украинскиот претседател, ставовите на одделни членови на Републиканската партија претставуваат опасност за Киев. Зеленски, исто така, истакна дека нема да ги поддржува луѓето кои сакаат да го запрат воениот конфликт „по секоја цена“.

Пред оваа изјава имаше одреден спор меѓу Трамп и Зеленски. Поранешниот американски претседател во неколку наврати изјави дека би можел да испреговара крај на војната за 24 часа, доколку е во Белата куќа.

„Би му рекол на Зеленски: ‘Доста е, мора да се договорите’. Ќе му кажам на (рускиот претседател Владимир) Путин: ‘Ако не склучите договор, ќе им дадеме (на Украина) многу повеќе отколку што имале некогаш, ако мораме’“, го откри планот Трамп. Во исто време, тој не исклучи дека Украина ќе мора да отстапи дел од својата територија во замена за мир.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Зеленски одговори со покана на Трамп да дојде во Киев и самиот да увиди каква е тековната војна.

„Ако може да стигне до тука, ќе ми требаат 24 минути – да, 24 минути – да му објаснам на Трамп дека не може да се справи со оваа војна. Поради Путин, тој не може да донесе мир“, рече украинскиот претседател во интервју за Ен-Би-Си.

Сепак, Трамп ја одби поканата на украинскиот лидер.

„Имам голема почит кон претседателот Зеленски, но мислам дека би било несоодветно да одам во Украина во овој момент“, рече Трамп. Според неговите зборови, тој не сакал да создаде „конфликт на интереси“, бидејќи администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден сега работи со Зеленски.

Според Трамп, работите во Украина одат лошо до таа мера што престанале да зборуваат за тоа во американските медиуми. Сепак, Зеленски го негираше тоа, ветувајќи дека „ќе покаже резултати оваа година“ и ќе ја продолжи офанзивата следната година.

„Имаме план. Имаме многу специфични градови, многу (специфични) насоки кон кои се движиме. Не можам да ги споделам сите детали. Сигурен сум дека нè чека успех“, рече Зеленски.

Трамп ја започна својата кампања во јануари. Претседателските избори во САД се закажани за 5 ноември 2024 година.

МИА

- Реклама -