Зеленски: Украина де факто е членка на НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека е од витално значење Западот да го снабди Киев со оружје што е можно побрзо, што ќе ѝ помогне на неговата земја да се бори против руската инвазија.

На заедничката прес-конференција во Хаг со холандскиот премиер Марк Руте и белгискиот премиер Александре де Кро, Зеленски истакна дека Украина е веќе де факто членка на НАТО, но мора и де јуре да се приклучи на Алијансата.

Тој посочи дека Киев ќе работи на создавање нов трибунал за да ја изведе Русија пред лицето на правдата за војната во Украина. Зеленски вели дека веќе постои група од 35 земји кои го поддржуваат формирањето Трибунал.

Холандија ќе обезбеди непоколеблива поддршка за Украина, изјави од своја страна холандскиот премиер Марк Руте. Тој додаде дека Русија не може да победи во војната во Украина и дека мора да одговара за злосторствата, како што се агресија и други воени злосторства.

Прочитајте и:  Руте повика на поголема помош за Украина за време на претстојната студена зима

Холандскиот премиер рече дека нема табуа кога станува збор за воената поддршка за Украина.

На прес-конференција Руте истакна дека прашањето дали НАТО може да испорача борбени авиони на Украина сè уште не е решено.

Белгискиот премиер изјави дека неговата земја подготвува нов пакет воена помош за Украина. Де Кро додаде дека неговата влада истражува како замрзнатите руски средства може да се користат за помош на Украина.

Во изјавата за новинарите, украинскиот претседател ја изрази својата оценка дека руските сили на бојното поле се деморализирани и дека Киев верува дека неговата планирана контраофанзива за повторно заземање на териториите окупирани од руските војници ќе биде успешна.

МИА

- Реклама -