Зеленски до руските мајки: Не ги пуштајте вашите деца во војна, не верувајте дека ги праќаат „на вежби“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика руските мајки да не ги испраќаат своите деца на бојното поле.

„Сакам да им го кажам ова уште еднаш на руските мајки, особено на мајките на воените регрути. Не ги испраќајте вашите деца во војна во странска земја“, порача Зеленски.

Тој ги повика да не веруваат во ветувањата дека нивните синови ќе бидат испратени „некаде на вежби … или во неборбени услови“ и побара веднаш да дејствуваат доколку имаат сомневање дека нивните деца се испраќаат да се борат во Украина (околу 5:50 во видеото).

Повикот на Зеленски следува откако руското Министерство за одбрана во средата за првпат призна дека во Украина, како дел од руските сили, биле испратени и регрути (наводно само во добавувачки единици) и дел биле заробени, и тоа само еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин ги уверуваше руските мајки дека во „специјалната воена операција“ во Украина учествуваат „само професионални војници“.

Прочитајте и:  Во Балтичко Море оштетен и подводниот телекомуникациски кабел што ги поврзува Шведска со Литванија

„За жал, откривме неколку случаи на присуство на регрути во единиците кои учествуваат во специјалната воена операција во Украина. Практично, сите такви војници беа повлечени во Русија“, рекоа од руското МО, со ветување дека такви ситуации нема да се повторат во иднина.

По признанието на руското МО, портпаролот на Кремљ/Путин – Дмитриј Песков, за „РИА новости“ изјави дека рускиот претседател наредил воените обвинители да го истражат случајот и да ги казнат надлежните лица „одговорни за тоа што не ги послушале неговите инструкции да ги исклучат младите регрути од операцијата“.

Украинците, во меѓувреме, продолжуваат да објавуваат видеа од заробени млади руски војници кои не успеваат да ги задржат емоциите додека зборуваат со своите мајки, барем според тврдењата на украинските сили.

- Реклама -